Груевски: Потребни ни се 62 пратеници за да нема уцени

Ве повикувам да ја прочитате програмата. Ова го правам секаде, а посебно го упатувам до оние кои се уште се неопределени гласачи или колебливи, што апстинираа од гласање. Да дојдеме до оние 62 пратенички места, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Оние кои мислат дека ќе направат некоја добра работа ако гласаат за некоја партија која се бори за еден или два пратеници, а тие нема да направат ништо со тоа. Дајте сите да ја концентрираме енергијата кон онаа политичка гарнитура која има најквалитетна понуда. Не барајте идеални луѓе, на планетата Земја такви нема. Ниту ние сме идеални, ниту има други идеални. Но луѓето се разликуваат по тоа што некои се поспособни, некои помалку способни, некои се поквалитетни, некои помалку квалитетни. Некои се многу почесни, некои се нечесни. Некои се многу работливи, некои се малку работливи. Лесно е некому да му најдете маана. Правата работа е да ги најдете најдобрите, не идеалните. Нема да ги најдете“, изјави Груевски.

Тој ги  повика гласачите да ја искористат можноста што во овој момент Македонија има политичка гарнитура која не е лесно се состави.

„Составен е тим кој состави убедливо најквалитетна програма во Македонија. Дајте сите да ја фокусираме енергијата тие 2.046 проекти да се реализираат. Ветувам дека, како и досега, ќе успееме повеќе од тоа што сме го ветиле и за што сме дале збор. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, тоа е силата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е она што СДСМ и ден денес не може да го сфати, искрен пристап кон граѓаните и народот. На 27 ве повикувам масовно, потребни ни се 62 места во парламентот. Ако некој се сомневаше кој ќе победи, сега веќе е јасно“, заклучи тој.