Од околу 315 илјади граѓани кои во Хрватска имаат блокирани сметки, околу 220 илјади се без работа што укажува на тоа дека тешко или никако нема да ги платат долговите.
Како што пишува денешниот „Нов ријечки весник“, проблемот државата ќе успее да го реши со донесување на Закон за стечај на граѓаните или посебен закон со кој би се регулирал отписот на долгот спрема државата и државните претпријатија кои граѓаните ги имаат, но и со даночни олеснувања кои државата ќе ги понуди на банките ако отпишат дел од долговите на граѓаните чии што сметки се блокирани.
Таква можност со која се решава прашањето на долговите на граѓаните имаат или ја подготвуваат поголем број на земји на Европската унија во кои се покжало дека со кризата се зголемува и бројот на граѓани со блокирани сметки.
Така на пример, граѓаните на Велика Британија можат да се пријават за постапка за отпис на долгот до 15 илјади фунти од што се изземени студентските кредити или плаќање на алиментација.Но за простување на долговите не можат да се пријават тие на кои месечно им остануваат 50 фунти по плаќањето на режиските трошоци или ако имаат штедење или имот повредни од 300 фунти.
Прелиминарните проверки на хрватските должници покажуваат дека се блокирани повеќе од 17 илјади граѓани кои се постари од 65 години и немаат шанса повторно да најдат работа да заработат пари и да ги платат долгот.
Извор: Нет Прес