Во текот на 15-тата недела од 2014 година (од 07.04.2014 – 13.04.2014 година), во Република Македонија пријавени се 223 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што е намалувaње од 24,9% во однос на минатата недела и 53,4% намалување во споредба со бројот на заболени во 15-тата недела минатата сезона.
Во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, бројот на пријавени случаи е поголем за 2,7 пати.
Во сезоната 2013/2014 (заклучно со 15-тата недела) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 28.748 (МБ 139,9/10.000).
Во споредба со истиот период од минатата година, овој број е поголем за 16,6%, а во однос на просекот за 10-годишниот период, се регистрира зголемување за 59,6%.
Во текот на 15-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека во февруари се пријавени 50% од вкупниот број случаи во целата сезона. Во јануари се регистрирани 23,7% од заболените, во март – 21,1%, а во првите две недели од април – 1,8% од случаите.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 4.105 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.961, а најголем морбидитет (751,3/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.
Во однос на возрасните групи, во сезоната 2013/2014 најголем број заболени се регистрираат во возрасната група од 15-64 години – 65,1%, а најголем морбидитет (238,2/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 15-тата недела од 2014, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ тестиран е само еден материјал, кој е негативен на присуство на вирусот на инфлуенца.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 203 хумани материјали, од кои 125 или 61,6% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 89,6% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 10,4% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.
Од инфлуенца А позитивните, 17% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 34,8% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 48,2% се нетипизирани инфлуенца А вируси.
Интензитет на активноста на вирусот на грип е низок, со задржување на трендот на континуирано опаѓање. Се регистрира воглавно спорадична појава на случаи на заболување.
Се намалува и бројот на тестирани и на позитивни примероци од земен материјал за тестирање, од случаи на заболувања слични на грип.
Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 14-тата недела, се наведува дека е забележан пад на клиничките индикатори и инциденцата на лица заболени со грип/заболувања слични на грипот (ILI) и со акутни респираторни инфекции (ARI), кои се вратија на предсезонско ниво и под епидемиолошките прагови во 19 од 20 земји од Регионот, кои дале податоци.
Процентот на позитивни тестирани примероци е благо зголемен, а бројот на SARI позитивни пациенти е намален. Во Европскиот регион на СЗО ко-циркулираат и двата подтипа на инфлуенца А, инфлуенца A(H1N1)pdm09 и A(H3N2).
Оваа сезона е многу низок процентот на детекција на инфлуенца Б вирусот.
Бројот на хоспитализирани пациенти со SARI се намали оваа недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години, а бројот на позитивни тестирани за грип пациенти со SARI се намали во однос на предходната недела. Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 4.524 хоспитализации на пациенти, лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B.
Пет земји пријавиле вкупно 384 смртни случаи, 99% поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81% – A(H1)pdm09 и 19% – A(H3)) и 1% со influenza B.