Врачена наградата – плазма телевизор за најдобриот полицаец

По повод денот на македонската полиција 7-ми мај , денес  секретарот Димитар Спасески во име на градоначалникот Никола Бакрачески и Локалната самоуправа, на најдобриот полицаец од Охрид  за 2013 година, Мите Печоски, му додели плазма телевизор. При чинот на доделување, секретарот Спасески укажа на добрата соработка помеѓу општината  и Министерството за внатрешни работи.

„Нашата успешна соработка продолжува и понатака и се надеваме дека  во наредниов период  ќе преземеме заеднички  мерки и активности за поголема безбедност за време на летната туристичка сезона. Уште еднаш им го честитам денешниов ден  на полициските службеници. Тие и овој ден иако празничен,  го минуваат работно со извршување на  постојаните редовни  службени обврски. Тие  се постојано на терен,  а наша задача како Локална самоуправа, како општество и како граѓани е на овој ден да им ја искажеме  нашата благодарност за сите ангажмани за обезбедување на јавниот ред и мир во  Охрид“, потенцира секретарот Спасески  кој на најдобриот полицаец за 2013  Мите Печоски, му посака понатамошни успеси во работата.

„Оваа награда за мене претставува чест и задоволство и е поттик во понатамошното успешно извршување на професионалните задачи. Му  благодарам на Градоначалникот и Локалната самоуправа кои со овој мал подарок ми одадоа почит за  мојата работа“, рече добитникот на наградата Мите Печоски.

За врачената награда од Општината, Во име на началникот на СВР – Охрид Зоран Сарафилоски се  заблагодари портпаролот Стефан Димоски, кој потенцира дека заедно со Локалната самоуправа и понатака ќе работат во интерес на беспрекорна безбедност на охриѓани.

„Дозволете да се заблагодарам  за вниманието што Општина Охрид во изминатиов период  постојано и континуирано го посветуваше на работата и на потребите на СВР Охрид. Дозволете да се заблагодариме што имавте доблест оваа традиција на доделување на награда за најдобриот полицаец да ја продолжите. Ова е значајно за нас бидејќи претставува директен гест на поддршка што ни ја давате и во таа насока  и  на сите наши напори за зголемување и постојано одржување на висок степен на безбедноста во Охрид. Заедно со вас ние работиме секогаш  во интерес на граѓаните“, истакна портпаролот  Димоски.

Доделувањето на награда за најдобар полицаец  е традиција на Општината  чија цел е да  се оддаде признание на полицијата како важен сегмент за  безбеден  и мирен живот на граѓаните.

Najdobar_policaec_2014_4851