Домашната визита се проширува на лица од ранливи категории

Од понеделник (19 мај) 350 медицински тимови од здравствените домови во рамки на проектот Домашна визита ќе почнат да вршат патронажни посети во домовите на над 23 илјади лица од ранливи категории.

Здравствени совети, услуги и нега ќе добијат лица корисници на туѓа нега, на надомест за глувост, надомест за слепило, мобилност и постојана парична помош, односно лица кои се во потешка здравствена состојба, работно неспособни, болни и изнемоштени, лица со инвалидност и лица кои имаат потешкотии во движењето.

Како што најавија на денешната прес-конференција министрите за труд и социјална политика и за здравство Диме Спасов и Никола Тодоров, првенствено ќе бидат опфатени лица над 50 годишна возраст, а потоа и останатите лица од овие категори помлади од 50 години.

„Станува збор за проширување на проектот Домашна визита со вклучување 23.464  постари лица над 50 години кои се со посебни потреби, вродена аномалија или неподвижни, како и лица со заболување кои водат до ментална или физичка попреченост и од различни причини не можат да го посетат здравствениот систем. Токму затоа здравствениот систем односно Патронажната служба како продолжена рака ќе ги посети во домашни услови и ќе им пружи дел од неопходната здравствена нега“, истакна Тодоров.

Проектот Домашна визита, додаде тој, е инициран како широка акција за превентивни здравствени прегледи со цел зголемување на грижата за постарите и изнемоштени лица и дополнително приближување на здравствената заштита од оваа категорија граѓани.

Проширувањето на опфатот на домашната визита, како што рече Тодоров, е резултат на позитивното искуство од терен и искажаниот интерес на граѓаните за овој вид прегледи.

Министерот за труд и социјална политика Спасов потенцира дека на овие лица во домашни услови стручните медицински тимови во соработка со центрите за социјална работа ќе им овозможат здравствена нега и пружање на основните здравствени услуги, како и стручна помош.

Појасни дека доколку биде потребно ќе бидат вклучени и социјални работници од центрите за социјална работа.

На ваков начин, истакна Спасов, Владата продолжува со грижата за лицата во социјален ризик, и притоа потсети и на досегашните мерки и активности кои се преземени во насока на обезбедување поголеми права и поддршка за нив.

„Посебна обврска имаме кон лицата кои не се во можност да се грижат сами за себе, лицата со инвалидност, лицата кои се во потешка здравствена состојба, болните, изнемоштените, како и граѓаните во социјален ризик. Изминатиот период воведовме надомест за потполно слепи лица и телесни инвалиди од 7.000 денари месечно и надоместок за глуви лица во износ од 4.000 денари месечно. Го проширивме правото на мобилност за лица со квадриплегија, ја зголемивме постојаната парична помош за 46 проценти, а планирано е и натамошно зголемување за 5 проценти на годишно ниво“, истакна Спасов.

Ова е четврти циклус од овој проект кој се реализира во рамки на програмата Здравје за сите, со кој досега биле опфатени над 26.000 лица со хронични болести,како и со болести на рбетот и костозглобниот систем. Просечно дневно од страна на патронажните тимови се посетуваат околу 400 постари лица со возраст над 60 години.