„Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“

Подигнување на свеста кај населението за ракот на дојка како потенцијално излечива болест е целта на кампањата „Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“, која по шести пат ја организираше Здружението Борка – За секој нов ден, во соработка со Амбасадата на САД во Македонија. Централниот настан денеска се одвиваше кај Школката во Градскиот парк во Скопје.

Според податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот „ГЛОБОКАН“, во 2012 година во Македонија се регистрирани 1.152 новозаболени од рак на дојка, од кои околу 400 починале.

Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова во обраќањето пред присутните искажа поддршка за розовата кампања на „Борка“ за подигнување на јавната свест во борбата против ракот на дојка.

„Со тоа, ние, всушност, даваме поддршка за семејствата и пријателите на заболените од рак на дојка, даваме поддршка и благодарност на посветените лекари и медицински сестри кои секојдневно ја водат битката заедно со своите пациенти. Ја даваме нашата поддршка и благодарност до сите спонзори, донатори и пријатели на кампањата. Но, најголемата поддршка ја даваме на оние кои во овие моменти се соочуваат со болеста, оние имаат потреба од неизмерна поткрепа од сите нас. Да им помогнеме да го пребродат овој период и да излезат како вистински победници“, рече Иванова.

jankulovska_g111_4

И денес, посочи таа, испраќам најискрени поздрави токму до нив, верувајќи дека догодина заедно со нас исправени и горди ќе ја изодиме розовата панделка исцртана на улиците на нашиот главен град. Иванова учествуваше и на розовата прошетка, како дел од кампањата за подигање на свеста за борба против ракот на дојката.

Сопругата на претседателот на Република Македонија ја поддржува манифестацијата, како и сите активности на Здружението „Борка“ со цел борба против ракот на дојка.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека розовата прошетка е добра традиција во Република Македонија.

Секоја година чекориме заедно со сите оние на кои им е потребна поддршка, но и за сите оние за кои треба да ја подигнеме свеста за потребата од рано дијагностицирање и превентивни активности затоа што се работи за здравјето, за човечките животи и затоа што сите треба да покажеме масовност кога се работи за солидарноста. „Борка“ секогаш ќе ја има мојата поддршка бидејќи преку ова здружение недвосмилено и јасно се покажува грижата за секој човечки живот“, додаде Јанкулоска.

Претседателот на „Борка“, Биба Додева истакна дека уште еднаш ја одбележуваат кампањата за борба против ракот на дојка и уште еднаш чекорат со оние кои ја победиле болеста.

„Апелираме го сите институции дека сепак човечкиот живот е највреден“, посочи Додева.

На традиционалната розова прошетка повеќе од 1.500 учесници пешачеа три километри и испратија порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите како основен предуслов за победа над ракот на дојка.

Учесниците прошетката „Напред розово 2014“ ја почнаа од Школка во Градски парк кон фонтаната „Лотус“ преку бул. „Илинден“ во правец на зградата на Владата, потоа преку мостот „Гоце Делчев“ до ул. „11 Март“, па преку ндвозникот ќе продолжат по ул. „Самоилова“ до крстосницата со ул.„Лазар Личеновски“ по што преку мостот „Гоце Делчев“ и бул. „Илинден“ се вратија во Градскиот парк. Во прошетката покрај граѓаните на Скопје учествуваа и поддржувачи на „Борка“ од повеќе градови од Македонија кои организирано со автобуски превоз пристигнаа од Струмица, Куманово, Свети Николе, Штип, Велес, Охрид, Прилеп, Кавадарци, Битола и Тетово. Настанот беше збогатен со музички хепенинг.