Натпревар за спасување во организација на АМСМ

Денес, (19.05) на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“  се одржа „натпревар за спасување и извлекување на жртви во тешки сообраќајни несреќи,, во организација на АМСМ, во соработка со Операцијата Флориан, невладина организација од Велика Британија ЗЕЛС, ДЗС, Тојота, Вимпекс, Црвен Крст, РСБСП и противпожарни бригарди во РМ. На настанот присуствуваше и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која имаше свој поздравен говор, во кој меѓу другото истакна:

„Само во првите четири месеци од годинава на патиштата низ Република Македонија се случиле вкупно 1.082 сообраќајни незгоди со потешки последици. Во овие незгоди настрадале вкупно 1.630 лица, од кои 1.592 се повредени, додека 38 лица ги загубиле животите. Тоа се над 1.630 семејства кои ќе мора да живеат со помали или поголеми трауми од сообраќајните несреќи за само четири месеци.

Тоа се фактите со кои мора да се соочиме. Сообраќајните несреќи денес се еден од водечките фактори за предизвикување на ненадоместливи последици со губењето на човечки животи и страдањата на голем број на повредени. 

Знаејќи колку е важна и суштинска брзата и професионална интервенција за извлекување и помош на повредените, јасно е значењето на денешниот настан и вежбите низ кои минаа спасувачките тимови. Од страна на Обидинетите Нации, декадата од  2011-2020 е прогласена за Декада на акцијата за безбедноста на патиштата, и истата ги опфаќа следните 5 столба :

                       1. Управување со безбедноста на патиштата. 

                       2. Побезбедни патишта и мобилност. 

                       3. Побезбедни возила. 

                       4. Безбедни корисници на патиштата. 

                       5. Одговор по настаната сообраќајна несреќа.

Република Македонија целосно ги прифати овие обврски и пристапи кон нивно исполнување. Во таа смисла на денешниот настан акцент ставаме на 5-тиот столб .

Важноста и потребата од стручна и професионална работа на противпожарната служба е непроценлива. Нивната опременост со соодветни материјално технички средства за брза и ефикасна интервенција по настанувањето на сообраќајна несреќа, како и потребата за ефикасна координација со полицијата, итната медицинска служба се пресудни за спасувањето животи и намалувањето на последиците по настанувањето на сообраќајна несреќа.

 Активната соработка на Министерството за внатрешни работи со противпожарните служби, со итната медицинска помош, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Дирекцијата за заштита и спасување, ЗЕЛС и Авто-мото сојузот на Република Македонија, придонесуваат во реализација на зацртаните цели од Националната стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2009-2014 година.

Денешните натпревари како и изведувањето на показни вежби од страна на противпожарната служба имаат две главни цели. Да ја подигнат подготвеноста на противпожарната служба за извлекување на повредени при сообраќајни несреќи,

 но и да го подигнат нивото на информираноста на јавноста и граѓаните за капацитетите на истата од човечки и материјално-технички аспект.

Денес можеме да ја видиме подготвеноста на противпожарната служба, нивната континуирана обука и тренинг, кои се услов за брзо и ефикасно извлекување и спасување на повредени од тешки сообраќајни незгоди. Подеднакво важни се и целите за проактивно вклучување на Противпожарните служби во едукацијата на населението, а посебно на младата популација со спроведување на кампањи во училиштата за значењето на безбедноста на сообраќајот на патиштата. 

Со едукација на младите за неопходните постапки по случена сообраќајна несреќа и можните опасности од нестручно и несоодветно постапување и со овозможување на  услови за давање волонтерска поддршка на противпожарните единици, можеме значително да придонесеме за намалување на бројот на загинати во сообраќајни несреки и секако за ублажување на последиците од сообраќајните несреќи. 

Ваквиот пристап е за поздравување и гарантира дека во Република Македонија со ваков пристап и однос на сите институции и организации  ќе имаме поголема безбедност на патиштата.

За крај, сакам да ја искористам оваа прилика да го честитам 20 Мај, денот на пожарникарите и да Ви посакам да имате помалку работа а доколку ја имате успешно да ја завршите.“– истакна Јанкулоска.