Работна средба на РК Охрид 2013 со градоначалникот и бизнис заедницата

Управниот Одбор на Ракометниот Клуб Охрид 2013 одржа работен состанок со охридските компании кои во минатата сезона финансиски го поддржаа овој клуб. На состанокот присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески.

Претседателот на Управниот Одбор на РК Охрид 2013, Димитар Спасески пред присутните поднесе детален извештај за работата на клубот како од организациски така и од финансиски аспект.

„Отчетноста   е наша главна одлика и денес чувствуваме потреба поднесувајќи го овој детален извештај  да ги оправдаме финансиските средства кои што ни ги ставивте на располагање. РК Охрид 2013 во организациски аспект постана силна ракометна институција со можност во иднина да се надоградува. Целта која што си ја поставивме а тоа е опстанок во супер лигата заеднички ја исполнивме и на тоа сме особено горди. Се заблагодаруваме на бизнис заедницата а особено на градоначалникот Бакрачески  за укажаната доверба и целокупната поддршка која ни ја дадоа во текот на натпреварувачката сезона“, истакна  Претседателот на УО на РК Охрид 2013, Димитар Спасески.

Градоначалникот Никола Бакрачески ги поздрави присутните искажувајќи ја својата подготвеност и понатака да го помага развојот на РК Охрид 2013.

„Апсолутно сум задоволен од се она што направивме во изминатава сезона со РК Охрид 2013. Се заблагодарувам на бизнис заедницата која покажа висока свест за општествена одговорност и помогна заеднички да го издигнеме ракометниот клуб на  повисоко ниво. Сето тоа придонесе Охрид да стане и ракометен центар што секако се потврди и со организацијата на Ракометниот Куп на Македонија во Охрид. Среќен сум што и Женскиот Ракометен Клуб “Мобидик “ нареднава година ќе биде дел од женската супер лига. Општина Охрид и јас како Градоначалник секогаш недвосмислено ќе стоиме зад РК Охрид 2013, трудејќи се од година во година да се издвојуваат што повеќе  средства за развој на спортот. Секоја средба со бизнисмени и потенцијални инвеститори во Охрид ја користам да ги мотивирам финансиски да  поддржат определен охридски спортски колектив“, потенцира градоначалникот Бакрачески.

Бизнис заедницата изрази задоволство од начинот на отчетно и транспарентно  работење на РК Охрид 2013 и искажаа подготвеност и понатака да  биде  дел од структурата  на клубот.

rkohrid1 rkohrid2 rkohrid3