Група од Грчец падна во „Мрежа“

Министерството за внатрешни работи во борба против организираниот криминал во рамките на акција „Мрежа“ односно борбата насочена против уличните дилери, како и пресекување на меѓународни канали за шверц на наркотици, по интензивно преземање на мерки и активности насочени против недозволената трговија со дрога, реализирaше случај при што вкупно се запленети околу 9 килограми марихуана со потекло од Р.Албанија, која според сознанијата дел била наменета за продажба надвор од Р.Македонија. Во акцијата документирано е делувањето на криминална група од скопските села Глумово и Грчец, чии членови дел се приведени, а против останатите ќе биде поднесена кривична пријава и ќе продолжи потрагата.

Операцијата отпочна на 21.05.2014 година околу 14:20 часот по претходно добиени сознанија за лица кои што се занимаваат со вршење на кривични дела поврзани со недозволена трговија со наркотична дрога, во реонот на „Кванташки пазар“ лоциран на ул.Перо Наков б.б. во Скопје. Полициски службеници од Секторот за недозволена трговија извршија преглед на лицето А.А.(1966) од Ресен и ТМВ марка „Mercedes – Sprinter 311 CDI“ со охридски регистерски ознаки, управувано од истиот.

При вршењето на прегледот, кај лицето е пронајдено едно тврдо парче од пресувана непозната растителна материја–кафеава боја со неутврдена количина, додека при прегледот на ТМВ марка „Mercedes–Sprinter 311 CDI“, пронајдено е едно полиетиленско пакување исполнето со растителна материја–зелена боја -марихуана.

Вчера на автопатот Скопје – Куманово од страна на полициски службеници околу 17:00 часот на патарина Миладиновци, беше запрено е ПМВ „BMW“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.А.(1989) и совозач А.Џ.(1969) двајцата од Скопје. При извршениот преглед над горенаведеното патничко моторно возило во багажниот простор пронајдена е  една јутана вреќа бела боја со 8 (осум) пакувања неправилна форма облепени со безбојна најлон-фолија со непозната растителна материја. Во врска со овој случај како член на криминална група лишено од слобода  е и лицето Л.К.(1992) од Скопје.

Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења  при  МВР на РМ  заради понатамошно вештачење. По извршено вештачење за двата случаи утврдено е дека се работи за марихуана со вкупна тежина 9 кг. 168 гр. марихуана  со висок квалитет и 1,03 гр. хашиш, а која запленета марихуана на нарко пазарот би достигнала цена од 27000 евра.

 Од страна на МВР на РМ до ОЈО за организиран криминал и корупција ќе  биде поднесена  кривична пријава против четирите приведени лица, но и против други кои работеле со нив, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ казниво по член 215 став 3 од КЗ на РМ.

МВР на РМ во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со преземање на мерки и активности за целосно документирање на случајот и пронаоѓање на главниот организатор на криминалната група како и лица препродавачи и посредници во оваа група.

Досега во рамки на акцијата „Мрежа“ приведени се 60-тина дилери на наркотици, а беа запленети над 460 килограми различни видови дроги.