Пановски: Посакуваме просперитет на влашката заедница како составен дел на просперитет на Општина Охрид и Република Македонија

Претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, Дејан Пановски на граѓаните припадници на влашката заедница во Охрид им го честита 23 мај – Националниот ден на Власите. Во честитката стои: 

„Во име на  Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Охрид, како нејзин Претседател, а и во лично име, им го честитам 23 Мај- Националниот ден на припадниците на Влашката заедница во Охрид.

Власите во Охрид отсекогаш биле конструктивен дел од заедницата и учествувале во градењето на капацитетите, институциите и развојот на целокупниот Охридско-струшки регион.

За почит е заложбата за зачувување на својот јазик, култура,обичаи и традиции согласно постулатите на едно модерно општество и во интерес на развојот на Охрид и на Република Македонија. 

Власите како староседелци на овие простори треба да бидат горди на својата историја и личности кои придонеле многу за  Македонија. Спомнувањето на Питу Гули, Вангел Дину, Димитар Влахов и Рајко Жинзифоф во честитката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи е доволен показател за почитта кон влашката заедница. 

Впрочем, единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име, изјави и претседателот Иванов.

Со овие пораки посакуваме просперитет на влашката заедница како составен дел на просперитет на Општина Охрид и Република Македонија.“– стои во честитката.