Распоредите за екстерното тестирање на учениците од четврто одделение основно образование до трета година средно образование, ќе бидат истакнати утре пред почетокот на наставата, и ќе бидат поставени на видни места во сите училишта. Овие распореди ќе имаат податоци само со име и презиме на секој ученик, како и датата и часот кога ќе полага. Дополнително ќе се објавува кој ученик по кој предмет ќе биде тестиран, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
„Распоредите дополнети со предметот кој ќе го полагаат учениците, ќе се објавуваат секој ден, односно три дена пред секое тестирање. На пример, доколку ученикот се тестира на 2.6.2014 година, распоредот со предмет по кој ќе се тестира ќе биде достапен на 30.5.2014 година, доколку се тестира на 3.6.2014 распоредот со предмети ќе биде достапен на 31.5.2014 година. И овие распореди училиштата потребно е да ги објавуваат секој ден, најдоцна до 9:00 часот, а истите, заедно со генералниот распоред ќе бидат објавувани и од страна на Државниот испитен центар на prasanjaeksterno.dic.edu.mk“, рече Ристовски.
Екстерното тестирање ќе го следат 638 набљудувачи, а ќе се ангажираат и 175 администратори. Секојдневно на терен ќе бидат и инспекторите на Државниот просветен инспекторат. Резултатите од тестирањето ќе се објавуваат етапно, а предност ќе имаат учениците од осмо одделение затоа што резултатите ќе им бидат потребни за упис во средните училишта кои започнуваат на 23 јуни, односно на 18 јуни за уписите во некоја од паралелките на Спортската академија.
Што се однесува до приговорите, за 425. 800 јавно објавени прашања на македонски, албански, турски и српски јазик, до Државниот испитен центар стигнале 3.461 валидна забелешка по кои е постапено, односно направени се корекции.
Со екстерното тестирање се опфатени 189.037 ученици од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование кои ќе полагаат по два предмети, како и 18.126 наставници во 680 основни и средни училишта. Тестирањето ќе се спроведе во периодот од 2 до 10 Јуни.