Честитки до претседателот Иванов по повод реизборот на функцијата Претседател на Република Македонија

По повод инаугурацијата и реизборот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, писма со честитки упатија Генералниот секретар на Обединетите Нации, г. Бан Ки-мун, претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама, претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, претседателот на Италијанската Република, г. Џорџо Наполитано, кралот на Шпанија, Н.В. Хуан Карлос, претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер, претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј, претседателот на Република Грција, г. Каролос Папуљас, претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани, императорот на Јапонија Н.В. Акихито, претседателот на Швајцарската Конфедерација г. Дидир Буркхалтер, претседателот на Белорусија, г. Александар Лукашенко, кралот на Мароко, Н.В. Мохамед Шести, како и претседателот на Монголија г. Цахиагијн Елбегдорж.

Во честитката од Генералниот секретар на ООН, г. Бан пишува: „Охрабрен сум од визијата за Вашата земја која ја изнесовте во Вашето инаугуративно обраќање како земја која се темели на демократијата, владеењето на правото, човековите права и граѓанските слободи, социјалната правда и солидарноста, како и на почитувањето на различностите и соживотот. Исто така, охрабрен сум од Вашата постојана заложба за добрососедски односи и градење на мостови на пријателство и соработка во регионот. Тие се суштински елементи за создавање на просперитетна и стабилна иднина на Вашата држава и на Вашиот народ на патот кон Европската унија”. „И понатаму сметам на Вашата силна поддршка за нашата Организација, и би сакал да Ве уверам дека тимот на Обединетите нации во Вашата земја директно, но и мојот личен претставник, ќе продолжат да работат заедно со Вас и со Владата на прашања од заеднички интерес за Вашата држава и за Обединетите нации”, стои во честитката упатена од Генералниот секретар на ООН.

Во честитката од претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Обама се вели: „Ви посакувам сè најдобро на самиот почеток на Вашиот втор мандат како Претседател на Македонија. Соединетите Американски Држави и Македонија имаат воспоставено тесна соработка за низа билатерални и мултилатерални прашања. Го поздравувам продолжувањето на нашето партнерство и особено го ценам придонесот на Македонија во Авганистан. Вашиот нареден мандат дава можност за зајакнување на напорите на Македонија во делот на спроведувањето на реформите кои се неопходни за евро-атлантските интеграции”.

Во писмото претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џинпинг, изразува срдечни честитки по повод резиборот на претседателот Иванов и изразува надеж за нови успеси на оваа одговорна функција. „Традиционалните пријателски односи меѓу Кина и Македонија се продлабочуваат. Последниве години односите често се развиваат на високо ниво и политичката взаемна доверба се зголемува, постојано има богато достигнување за соработка во економска, трговска, културна област итн. Подготвен сум да вложиме заеднички сили со Вашата Екселенција да ги туркаме кинеско-македонските односи на повисоко ниво”, стои во честитката од претседателот Џинпинг.

Претседателот на Италијанската Република, г. Џорџо Наполитано, упатувајќи честитки за просперитет на Република Македонија, истакнува дека Италија ќе продолжи да ја поддржува европската перспектива на Република Македонија и на Западниот Балкан, како основна цел за стабилност и развој на регионот. „Уверен сум дека следејќи ги охрабрувачките резултати постигнати досега, за време на вашиот втор мандат ќе имате дополнителен прогрес во вашиот пат кон евроатланските институции”, стои во честитката од претседателот Наполитано.

Кралот на Шпанија, Н.В. Хуан Карлос во писмото до претседателот Иванов посакува успех во вршење на големата мисија, и упатува желби за просперитет, мир и благосостојба на македонскиот народ.

Во писмото од претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер изразува искрено уверување за натамошно продлабочување на блиските односи и соработката меѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво. „Во тој контекст ве уверувам дека Австрија ќе продолжи да ги застапува европските перспективи на вашата земја”, стои во честитката од претседателот Фишер.

Во писмото, претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј на претседателот Иванов му посакува успех во вториот мандат. „Ви го честитам Вашиот повторен избор за претседател на 27 април и Вашата инаугурација во Скопје на 12 мај. Ви посакувам успешен втор мандат и да постигнете реален и суштински напредок за Вашата земја и за сите нејзини граѓани”, се вели во писмото од претседателот на ЕС, Ван Ромпуј.

Претседателот на Република Грција, г. Каролос Папуљас во упатеното писмо, во име на грчкиот народ, го честита реизборот на претседателот Иванов и му посакува успех во новиот мандат.

Во писмото од претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани во име на албанскиот народ го честита реизборот на претседателот Иванов и му посакува успех. “Верувам дека нашиот заеднички придонес во промоција на мирот и стабилноста на регионот ќе биде зајакнат и дека билатералната соработка во иднина ќе продолжиме да ја градиме на принципите на добрососедство и заедничките аспирации за европските интеграции”, стои во писмото од претседателот Нишани.

Императорот на Јапонија во своето писмо со честитки по повод вториот мандат, упатува желби за личен успех и среќа на претседателот Иванов и посакува просперитет на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, г. Дидир Буркхалтер во честитката до претседателот Иванов му посакува успех во вториот мандат, лична благосостојба и натамошен просперитет на државата. „Убеден сум дека постојните одлични односи меѓу двете земји ќе продолжат да се продлабочуваат во текот на вашиот мандат”, стои во писмото од претседателот Буркхалтер.

Во честитката упатена од претседателот на Белорусија, г. Александар Лукашенко се изразува уверување дека заедничката соработка меѓу Република Македонија и Белорусија ќе продолжи да се развива во сите области.

Кралот на Мароко, во упатената честитка до претседателот Иванов изразува задоволство од степенот на пријателство и соработка меѓу двете земји и очекување за продлабочување на односите. „Вашиот реизбор ја одразува довербата на македонскиот народ во вас и нивните очекувања за продолжување на вашите заложби за развој, напредок и просперитет на државата”, стои во писмото од кралот Мохамед Шести.

По повод победата на претседателските избори и реизборот на претседателот Иванов, писма со честитки упатија претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, претседателот на Сојузна Република Германија, г. Јоахим Гаук, претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул, претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев, претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски, претседателот на Република Чешка, г. Милош Земан, претседателот на Словачката Република, г. Иван Гашпарович, претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, претседателот на Република Литванија, г-ѓа Далија Грубаускаите, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ, претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ, претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, како и поранешниот чешки претседател, г. Вацлав Клаус.