Концерт по повод 50 години од ОМУ „Методи Патче“

Основното Музичко Училиште  „Методи Патче“, синоќа во катедралната црква „Св. Софија“, одржа свечен концерт по повод јубилејот – 50 години од неговото постоење. Концертот го проследи и градоначалникот Никола Бакрачески.

„Во  катедралната црква св. Софија концертот, односно Вашата и наша музика навистина добива една нова димензија. Настапувате на местото каде во рамки на фестивалот “Охридско Лето“ настапувале голем број музички виртуози. Великаните на репродуктивната музика како што се Ростропович, Коган или Навара во Светот ја проширија приказната дека храмот “Св. Софија“ е најакустичниот простор во Светот и дека е престиж да се настапува во таков амбиент. Верувам дека во вашите срца егзистира тоа чувство бидејќи ова е навистина посебна вечер . Ова е Ваша вечер но и моја , вечер на која се гордее градот Охрид но и охриѓани. Во овие 50 години од постоењето на ОМУ “Методи Патче“, поминале бројни ученици, некои од нив ја продолжиле својата наобразба во Македонија и низ Светот. Знам дека во изминативе 50 години  од ова училиште излегоа голем број познати имиња, знам дека сте добитници на голем број награди и признанија , меѓутоа во исто време јас верувам дека овие успеси ќе продолжат да се нижат во низа, ќе бидат трајни и наши ученици и понатака  ќе настапуваат секаде во Светот. Градот Охрид е најпознатиот туристички бренд во Македонија и пошироко на Балканот но во исто време Охрид е град на културното наследство и културната сегашност. Како Локална власт сите културни манифестации во Охрид се трудиме да ги направиме што е можно побројни и да ги прошириме во текот на цела година со што ќе ја збогатиме туристичката понуда“, рече градоначалникот Никола Бакрачески во поздравното обраќање.
 
Директорката на Основното музичко училиште “Методи Патче“, Нина Момироска укажа на успесите на сите ученици во изминативе 50 години кои се гордост за сите нас но  укажа дека тука на застануваат туку влегуваат во едно ново поглавје од развојот на училиштето.
„Заедно со Локалната власт влегуваме во проектот – средно музичко училиште во Охрид. Вечерва со програмата која што следи ја промовираме идејата и потребата за формирање музички оркестар на ниво на градот. Со гордост можам да  соопштам дека во подготовката на гала- концертот со многу љубов и позитивна енергија влегоа сите сегашни, поранешни вработени ,ученици и пензионери. Поддршка ни дадоа и веќе етаблирани , музички уметници чии почетоци се сврзани со нашето музичко училиште. Нашиот јубилеј е голем празник за целиот град. Без поддршка на Градоначалникот сите овие децении немаше да бидеме она што сме денеска“, потенцира Момироска.
Концертот го проследи бројна публика, која со восхит аплаудираше на секоја музичка изведба на охридските музички таленти кои се образувале во ова училиште.