Точков: Водата во Охридското Езеро преку 90% е од прва и втора класа, јавните чешми безбедни за пиење

Центарот за јавно здравје Охрид, согласно својата програма и процедури за работа пред секоја летна туристичка сезона врши комплетна контрола на квалитетот на површинската вода во Охридското Езеро од македонска страна, но и на сите оние водотеци или реки кои што се вливаат во Охридското Езеро.

Редовно се следи состојбата и со квалитетот на водата за пиење и со квалитетот на водата од јавните или артески чешми кои што ги користат граѓаните и туристите во овој летен период, информира на денешната прес конференција Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Центарот за јавно здравје.

Што се однесува до водата од Охридското Езеро – површинската вода, земени се 40 примероци на површинска вода од Св.Наум до Радожда. Анализите се вршени во лабораториите на Центарот за јавно здравје, физичко-хемиска и микробиолошка анализа, покажаа дека водата во најголем број случаи преку 90% е со прва и втора класа, што е и очекувано во овој период. Најповеќе примероци со прва класа имаме од источниот брег, значи од Св.Наум до делот на плажата Парк, мала деградација од втора класа имаме кај Св.Софија, Сараиште, значи тој потег околу пристаништето каде што има поголема фрекфенција на пловни објекти, понатака во делот на струшкото крајбрежје од хотелите од Андон Дуков до Радожда имаме прва и втора класа наизменично, кај Калишта имаме втора класа, значи тоа е веќе очекувано и секоја година наназад се повторува таа состојба. Она што исто така го очекуваме, но не го посакуваме, е состојбата со квалитетот на водата во реките кои што се вливаат. Оваа сезона, оваа година имавме  малку поголема активност во вид на вода во реката Черава која доаѓа од албанската страна кај Св.Наум, која што е вода со доста лош квалитет од четврта и петта класа, која што уште повеќе го оптеретува еко-системот на Охридското Езеро, но и реките Велгошка, Коселска и Сатеска кои што исто така се со класи кои го оптеретуваат езерскиот еко-систем. Од нив најзагадена е реката Велгошка со четврта и петта класа и реките Коселска и Сатеска со втора и трета класа.“– истакна Точков.

Ohrid2014Maj14

Точков на прес средбата напомна дека од оваа година поредовно се земале примероци на вода од реката Црн Дрим во Струга, од пред испустот на прочистителната станица во Враништа, од самата пречистителна станица и од после пречистителната станица.

„Пред пречистителната станица забележлива е вода од втора класа што е и вообичаено за реката Црн Дрим, но самата пречистителна станица ја нема онаа ефикасност која што е потребна да ја има во Враништа и водата во пречистителната станица што се испушта е од четврта и петта класа, така што загадувањето на реката Црн Дрим после пречистителната станица е повидливо, позабележливо, односно поголемо.“- рече Точков.

Точков истакна дека сите јавни чешми во градот Охрид се контролирани, водата е со добар квалитет, здравствено безбедна за пиење и за конзумација.

„Ние секако ќе ја следиме состојбата и во летниот период, да не дојде до некои нарушувања во однос на самото тло и површинските води, но очекувано сега со потоплото време, посуво е и се надеваме дека нема да има некои поголеми варијации. Водата во Билјанини Извори е со добар квалитет веќе 3 месеци наназад, не покажува никакви отстапувања од здравствено-безбедна вода за пиење и водата од чешмата во Св.Наум кај црквата Св.Петка е исто така со добар квалитет, таа вода е и хлорирана, значи е безбедна за пиење. Тоа се оние точки кои минатите години правеа проблеми во кои што имавме и некои несакани последици по здравјето на луѓето.“– рече Точков.

Центарот за јавно здравје на крајот од месец мај и почетокот на месец јуни изврши прскање против комарци на територијата на општина Охрид, на сите места кои што се специфични, карактеристични за излежување на комарците, односно за појава на комарци.

„Прскањето беше успешно, а следното прскање ќе биде на почетокот на месец јули, веднаш после прскањето од авион кое е најавено од страна на Министерството за здравство.“– додаде Точков.

WebOhrid