Кривична пријава против екс градоначалникот на Вевчани

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, полициската станица од Струга  против лицето П.И. (46) од Вевчани, поднесе кривична пријава.

Пријавениот, во својство на одговорно лице-градоначалник на Општина Вевчани,  спротивно на Законот за јавни набавки  и без да распише потреба од јавна набавка за правни услуги, на адвокат од Струга на име адвокатски услуги од застапување на Општината Вевчани, му овозможил противправна корист од наплата во износ од 1.025.583,оо денари. 

Во 2009 година тоа го направил без никаков правен акт а за периодот од 27-ми јануари 2010 до 30-ти јуни 2013 година со 5 писмени договори за дело определувајќи му месечен паушал од по 20.000,оо денари како и додела на трошоците во судските постапки. 

Пријавениот, со свесно искористување  на службените овластувања на 8-ми октомври 2010 година, без никаков правен акт му дозволил  на истиот адвокат, од досудените парични средства кои требало од судски предмет да се исплатат во корист на Општина Вевчани да си наплати износ од 173.600,оо денари или за 75.000,оо денари поголем од дотогашните пријавени и неисплатени побарувања на име адвокатски услуги. Притоа, пријавениот за тоа не направил соодветен правен акт кој би бил прикажан и книговодствено евидентиран во Општина Вевчани. 

Во посочениот период, пријавениот не превзел никакви мерки за да се заштитат имотните интереси на Општина Вевчани и без да се грижи за имотот и интересите на Општината која ја застапувал и претставувал, склучил и други противправни и спорни  договори оштетувајќи го општинскиот буџет.