Одбележани 40 години од издавањето на списанието за хемија и хемиско инженерство

Македонското списание со импакт фактор „Macedonia Journal of chemistry and chemical engineering“ во издание на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија денеска одбележа 40 години од излегувањето на првиот број од списанието.

Во oва списание, според многу мерила едно од најдобрите во Македонија во овие 40 години се издадени 640 трудови на автори од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Турција ,Франција, Шпанија, Шведска.

На свеченоста свое обраќање имаше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

„Станува збор за списание со импакт фактор или списание со фактор на влијание кое што има исклучително значење во обласат на хемијата и хемиското инженерство, но и генерално претставува одличен пример или мотив за останатите списанија во овие области да го следат примерот на ова списание“, истакна Ристовски.

Министерот посочи дека Владата и министерството за образование и наука и досега се залагаше професорите и истражувачи во рамки на соодветните области да објавуваат трудови во меѓународни списанија со импакт фактор што е од исклучително значење за науката.

„Објавата на трудови во меѓународни списанија со импакт фактори ја обезбедува тежината на сите тие трудови, цитирањето, употребата, а со тоа и презентацијата на науката од Р.Македонија,“ посочи Ристовски.

Ристовски истакна дека Владата и понатаму ќе продолжи да го поддржува и мотивира ова списание се со цел зголемување на квалитетот на научно истражувачките трудови во Р.Македонија.

„Пред 40 години две силни институции смогнаа сили Институтот за хемија при Природно математичкиот факултет и Тахнолошко металуршкиот факултет да ги обединат своите сили, односно да се откажат од сопствените списанија и да направат едно квалитетно списание,“ посочи Зоран Здравковски, уредник на списанието и професор од Природно математичкиот факултет.