Свечено отворен 13-иот по ред Интернационален натпревар за млади музичари „Охридски бисери“

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески синоќа во Центарот за Култура „Григор Прличев“, присуствуваше на отворањето на тринаесеттиот по ред  Интернационален натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ што до 21 јуни ќе се одржува во Охрид. 

Посакувајќи им топло добредојде и успешен  музички натпревар  на учесниците од повеќе земји од Европа, Америка, Кина и Сингапур, градоначалникот Бакрачески го  прогласи за отворен  интернационалниот  натпревар на млади музичари .

„Особено сме почестени што  името на овој фестивал е „ Охридски бисер“ , зошто токму по неговата реткост и тајната на изработката  сме препознатливи во  светот. Искрено се надевам дека сите Вие, кои сте учесници на овој голем музички настан сте бисери, имате свои тајни во изведбите и дека стручното жири составено од истакнати и  светски признати педагози, ќе ги избере најдобрите бисери. Верувајте дека нема да се радуваат само победниците,туку сите учесници кои ќе бидат  горди што сте дел од овој настан и се парче од охридскиот бисерен гердан. Деновиве Охрид ќе живее во знакот на младоста и постојаниот порив за совршена музичка изведба.Звуците на пијаното и виолината, од под сводовите на катедралната црква Света Софија, спокојно ќе се шират низ охридските улици и старите сокаци, ќе се лизгаат низ мирните езерски води и кон светот ќе упатуваат уметнички и хумани пораки. На таквите пораки ќе Ве мотивира сознанието  дека во прекрасната Света Софија, повеќе од пет децении, во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапувала елитата на светската музичка репродуктивна уметност. Ќе го почуствувате духот на изведбите на врвните музичари како Ростропович, Навара, Коган, Шанкар и многу други чии виртуозни изведби, Ве тераат, секојдневно, упорно и посветено да се усовршувате“,- истакна  градоначалникот Бакрачески во своето обраќање.  

На вчерашното свечено отворање публиката во ЦК „Григор Прличев“, уживаше во едночасовниот  концерт на  гудачкиот оркестар „Даворин Јенко“од Белград- Србија и  музицирањето на солистите:  Петар Пејчиќ- виолончело и Страхиња Павловиќ- Кларинет.

На интернационалниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ учество ќе земат 162 кандидати, кои ќе се натпреваруваат во дисциплините  пијано и виолина . Натпреварот ќе го следи интернационално жири од истакнати и признати светски музички педагози.