На Балканското првенство за кадети кое се одржа во Ксанти – Грција во периодот од 13-15 јуни 2014 година, во категоријата до 48 килограми во женска конкуренција Блерина Сефери се закити со сребрен медал. Неколку години наназад нашите спортисти освојуваат медали од Балканските првенства во сите возрасни категории.
Горан Мицкоски селектор на кадетската репрезентација на Македонија во џудо изјави: “Сите репрезентативци достојно ги бранеа боите на Република Македонија и спортски докажаа дека се на исто рамниште со своите врсници од сите балкански земји. Им честитам за прикажаните борби, за желбата за победа која беше видлива, за тоа што го оставија своето срце на татамите, за тоа дека беа вистински амбасадори на Република Македонија. Како селектор се гордеам што имаме генерација која ветува и генерација која се чини за прв пат во историјата ќе донесе медал со Европски или Светски сјај за Македонското џудо. Сите спортисти кои настапија прикажаа одлични борби.
Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите џудо тренери и спортски работници во Република Македонија, и да ги охрабрам дека џудо спортот има светла иднина и дека целта која е пред нас е остварлива. Џудо спортот ќе биде на највисокото место меѓу спортовите во нашата држава, а ова го кажувам од пред неколку години од причина што оваа млада популација е темелот на кој веќе подолго време градиме иднина.
Родителите треба да се сигурни дека нивните деца се во сигурни раце, нивните тренери се на вистинскиот пат, ние тренерите и селекторите ги водиме и ги воспитуваме, еден ден почитувани тренери и вие ќе го почуствувате она што јас денес го почуствував, претходната година во Сефери, Ангелов и Реџепи оваа со Сефери, но нема да биде последен, ние ќе одиме до нај посакуваниот медал, олимпиското злато.“