„Мотоциклистите според нашите, но и според сите релевантни европски и свестски статистики и анализи спаѓаат во групата на позагрозени учесници во сообраќајот. Имено податоците покажуваат дека на свестско ниво 23 проценти од жртвите во сообраќајни несреќе се мотоциклистите, во Европа тој процент е некаде околу 12 а кај нас од бкупниот број повредени или загината околу десет отсто мотоциклисти“, изјави меѓу другото министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната манифестација на плоштадот Македонија, со која беше означен крајот на кампањата „Недела на безбеденост на мотоциклистите“ што изминативе денови ја реализираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според Јанкулоска само на подрачјето на главниот град, од 2010 година до заклучно со 2013 година МВР евидентирало вкупно 543 лица, мотоциклисти кои настрадале во сообраќајни несреќи а од оваа бројка 10 лица ги загубиле животите, 123 се стекнале со тешки телесни повреди а 410 лица минале со полесни повреди. Исто така министерката Јанкулоска нагласи дека во првото тромесечие од оваа година во 44 регистрирани сообраќајни несреќи на ниво на целата држава во коишто учествувале мотоциклисти четири лица го загубиле животот, 12 се потешко повредени а 36 добиле полесни повреди.
Јанкулоска предупреди дека мотоциклисти се соочуваат со висок ризик од смртоносни повреда, презентирајќи податоци на Светската здравствена организација според кои повредите на главата и вратот како најчест вид повреди се главна причина за смртност на 75 проценти од загинатите мотоциклисти во Европа, и дека тој процент во некои европски земји ја достигнува и бројката од 88 отсто. Токму затоа една од клучните препораки на СЗО е дека носењето на заштитната кацига го намалува ризикот од смрт за 40 проценти додека пак ризикот од потешки повреди дури за 70 проценти.
Целта на кампањата беше фокусирана не само на подобрување на условите и можностите за рамноправно учество на мотоциклистите во сообраќајот, туку и подобрување на нивната безбедност, преку конкретна едукација како за законските така и за техничките услови што се неопходни за оваа категорија на учесници во сообраќајот. Сето тоа беше сублимирано во неколкуте куси пораки што ги носеше кампањата: да не се вози без заштитен шлем; да не се во пребрзо; да не се вози технички неисправен мотор; да не се вози без дозвола со соодветна категорија.