Црвен крст Охрид е носител на највисокото признание Пехарот на ПХВ програмата за 2014 година

„Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ) е програма која со години наназад континуирано се имплементира во Македонија од страна на организациите на Црвениот крст. Целта е вклучување на младите во заеднички проекти за помош на ранливите категории, преку кои ќе се гради взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог, како основен предуслов за создавање на интеркултурно општетство. Во рамките на програмата и активностите за Промоција на хумани вредности, Црвен крст Охрид од 2004 година до денес реализирал преку 100 проекти во чија имплементација активно учествувале повеќе од 500 млади, кои промовирајќи ги вредностите и принципите на Црвениот крст, помогнале на повеќе од 100 семејства во локалната заедница.

Со гордост и задоволство оттаму истакнуваат дека, во последниот циклус на ЦКА-ПХВ програмата, 2013-2014 година, тимот на ПХВ на Црвен крст Охрид со преку 30 младинци изработи 6 проекти преку кои директно помогнаа на повеќе од 100 лица од Охрид. Задоволството е дотолку поголемо што проектите на Црвен крст Охрид, од страна на националната комисија за оценување на проектите, оваа година се оценети со највисока оценка и Црвен крст Охрид е носител на највисокото признание Пехарот на ПХВ програмата за 2014 година.

Доделување на пехарот од страна на претставници на Националната комисија за оценување на проектите ќе се случува на посебна свеченост која ќе се одржи утре-26 јуни (четврток) во големата сала на Општина Охрид со почеток во 12 ч. и на која ќе присуствува Градоначалникот на Охрид, сите младинци кои учествуваа во изработка на прокетите, дел од корисниците на помошта од проектите, претставници на Црвен крст на Македонија и други гости.

Од Црвениот крст Охрид изразуваат благодарност до сите млади кои учествувале во реализацијата на ПХВ програмата во овој циклус и до сите поединци, фирми и институции кои ја помогнале реализацијата на ПХВ проектите.

Инаку, ова е втор пат Црвен крст Охрид да има најуспешни и најблагородни ПХВ проекти, за што и во 2011 година беше носител на највисокот признание пехар на ПХВ програмата.