Кривична пријава за поранешен в.д. директор на ЈП „Охридски комуналец“

Поради постоење на основано сомнение за сторено казнено дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, СВР Охрид против С.А. (43) од Охрид поднесе кривична пријава. 

Пријавениот, во периодот од 2009 до 2011 година, во својство на одговорно лице-вд.директор на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, овозможил да се спроведе противправна постапка за престанок на потреба од четиринаесет работници прогласувајќи ги како технолошки вишок заради економски, организациони, технолошки и структурални промени на претпријатието. Тоа го направил без да има донесена соодветна програма, услови и критериуми кои морале да бидат предвидени согласно Статутот на Јавното претпријатие  и Колективниот договор за комунални дејности на Република Македонија.

Со ваквите дејствија на извршување, пријавениот на четиринаесет работници им доделил  средства во вкупен износ од 8.896.778,оо денари или 146.126 евра од кои, до октомври 2013 година им бил исплатен  вкупен износ од 3.885.830,оо де- нари или 63.185 евра. За овој  износ, моментно е предизвикана  штета на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ а по потпишаните договори од пријавениот,  преостанати за исплата се средства во износ од 5.100.948,оо ден или 82.942 евра.

Пријавениот, иако знаел за финансиските потешкотии, со искористување на службената положба и овластување, ги навел членовите на управниот одбор  да  донесат   одлуки  крајно штетни за претпријатието  а потоа лично потпишал писмени договори. Со тоа, им овозможил на четиринаесет работници покрај со законски утвдените три испратнини согласно Законот за работни односи и правата на паричен надоместок до ново вработување или пензионирање преку Агенцијата за вработување на Република Македонија согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, да се стекнат противправно и со имотна корист од  надоместок од 60 идни плати   на товар на претпријатието  а како разлика од надоместокот кој ќе им се исплаќа на товар на  Агенцијата за вработување  како технолошки вишок и платата која ја остварувале додека работеле кај овај работодавец, како и исплата на  еднократен надомест од по 8.000,оо ден по работник на денот на престанок на работниот однос.