Денес во просториите на Агенцијата за Млади и Спорт се одржа втората прес-конференција посветена на европското првенство во кајак на диви води за јуниори и сениори до 23 години, кое по втор пат во десет години се одржува кај нас. Во периодот 03-06 Јули Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 400 кајакари од 28 држави. Поголемиот дел од нив веќе може да се забележат низ скопските улици, но и на стазата на Матка, каде што ги одржуваат своите тренинзи и каде што ќе се случува првенството.
„Македонија е подготвена, уште еднаш да го прифати предизвикот на земја-домаќин на ваков голем настан. Поголемиот дел од екипите веќе тренираат на стазата, а ние како организатори се трудиме максимално да ги задоволиме барањата на сите учесници за непречено да се престават на првенството и рамноправно да се натпреваруваат. Ни остана само уште да го дочекаме стартот и да видиме кој ќе се качи на пиедесталот.“ – истакна Атанас Николовски, спортскиот директор на кајакарската федерација на Македонија
На прес конференцијата говореше и директорот на Агенцијата за Млади и спорт г-динот Марјан Спасески, кој ја истакна поддршката на оваа институција на ваквите европски случувања кај нас.
„Настаните од ваков тип се секогаш безрезервно поддржани од Агенцијата за Млади и Спорт, па така и на ова европско првенство решивме да излеземе во пресрет. Не само поради важноста на ова првенство за македонското кајакарство и македонскиот спорт, туку и поради самата промоција на нашата земја преку ваквите манифестации. Да се биде домаќин е чест, но и голема одговорност. Затоа ние, како државна институција, сме должни заедно со кајакарската федерација да го понесеме товарот и да се вложиме максимално за да биде се во најдобар ред на ова европско случување.“ – изјави Спасески.
Бидејќи станува збор за европско првенство, на прес-конференцијата говореше и Андреј Јеленц, делегат од светската кајакарска федерација.
„Македонија уште во 2004 година се покажа како одличен домаќин кога за прв пат се случи европското првенство кај вас. Не верувам дека ќе потфрлитеи оваа година, туку напротив, мислам дека ќе покажете уште еднаш дека можете да понесете ваков товар и да реализирате едно одлично натпреварување, кое ќе биде интересно како за натпреварувачите, така и за гледачите кои ќе присуствуваат на трките.“ – напомена Јеленц кој очигледно е задоволен од досегашната организација.
Инаку европското првенство во кајак на диви води со свечено отварање официјално ќе се започне на 02 Јули каде ќе има свечено дефиле на сите држави учесници, а официјалниот старт е на 03 Јули во кањон Матка, каде ќе започне натпреварувачиот дел. Целото првенство завршува на 06 Јули, кога и ќе се дознаат победниците во сите категории, а пак сите трки ќе може да се следат на македонската телевизија која ќе врши директен пренос.