Во среда, 2‐ри јули 2014, во Охрид ќе почне снимањето на играниот филм „Татко“ ‐ копродукција помеѓу Германија, Косово и Македонија, инаку режисерско деби на Висар Морина, кој е и автор на сценариото.
„Татко“, преку уникатниот лик на Нори, десетгодишното момче кое е приморано прерано да созрее, дава еден поинаков приказ на Косово во деведесеттите години на минатиот век. Нори претрпува големи загуби и храбро се соочува со потезите на судбината. Но, по прераната смрт на неговата мајка, тој не може да прифати да биде напуштен и од својот татко Гзим. Нориевата детска истрајност покажува екстремна длабочина, што ја издигнуванад приказната на еден бегалец или политичкиот контекст на Косово. Скопје Филм Студио, Нико Филм од Германија и Круша Продуксиони од Косово се продукциските куќи одговорни за реализација на проектот „Татко“, за што добија финансиска поддршка од страна на релевантните национални филмски фондови: West German Broadcasting (WDR), Film und Medienstiftung (NRW), German Federal Film Board (FFA), Косовскиот Филмски Центар и Агенцијата за филм на РМ, кои препознаа потенцијал во овој проект.
На филмот работи интернационална екипа, во која секоја од земјите копродуценти е застапена со свои автори. Охрид и околината беа одбрани како најсоодветни за сцените чие снимање беше предвидено да се одвива на територијата на Македонија, а на екипата најголем предизвик ќе ѝ бидат специјалните ноќни сцени во водите на Охридското Езеро.
Во подготвителниот период, Скопје Филм Студио и членовите на екипата од Македонија ги создадоа сите неопходни услови за еднонеделното снимање на филмот, а при тоа доби огромна поддршка од страна на Општина Охрид, Министерството за одбрана и Генералштаб на АРМ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Капетанија на пристаништата Охрид, како и од Агенцијата за филм.