Потпишан Меѓународниот договор помеѓу РМ и ЕУ за учество во Рамковната програма за истражување и иновации – „Хоризонт 2020“

Денеска во Генералниот директорат за истражување и иновации на Европската Комисија, министерот за образование и наука, м-р Абдилаќим Адеми во име на Владата на Република Македонија го потпиша Меѓународниот договор помеѓу Република Македонија и Европската унија за учество во Рамковната програма за истражување и иновации – “Хоризонт 2020“.

Програмата претставува финансиски инструмент на Европската Унија за поддршка на истражувањето и иновациите, со цел креирање на нови работни места, економски раст и конкурентност на Европа.

„Договорот што го потпишуваме за нашата научно-истражувачка и бизнис заедница ќе обезбеди можност за поблиска соработка во постигнување на заедничките цели – економско опоравување на Европа и надминување на најголемите проблеми што го загрижуваат народот“, рече министерот Адеми, додавајќи дека соработката помеѓу Европската Унија и Република Македонија во оваа сфера не е нова, односно земјата беше успешен учесник и во претходната 7ма Рамковна програма со повеќе од 100 финансирани проекти, особено во областите на информатичката и комуникациска технологија, енергијата, земјоделството и безбедност на храната.

Во своето обраќање Адеми се осврна и на активностите коишто ги реализираше Владата во изминатите две години, а кои придонесоа кон потпишувањето на договорот, како: усвојувањето на Стратегијата за иновации 2012-2020, Новиот закон за иновации, Законот за научно-истражувачка работа, потпишувањето на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации за Западен Балкан, основањето на Фондот за иновации и технолошки развој, како и имплементацијата на проектот за набавка на лаборатории за потребите на јавните научни и високо образовни установи во земјата.

Активното учество на Република Македонија во програмата обезбедува интернационален пристап во истражувањата и иновациите на научната и бизнис заедница од земјата, поттикнување на мобилност, трансфер на знаења и технологии, како и пристап до врвна експертиза во соодветните области.