Веибо ќе инвестира 400 милиони долари и ќе отвори 5.000 нови работни места

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, во градот Гвангжу, Народна Република Кина го посети индустрискиот и продажниот капацитет на компанијата Веибо Груп.

Во рамки на посетата премиерот Груевски оствари средба со менаџерскиот тим на компанијата предводен од извршниот директор, Селчук Алперен. Компанијата Веибо Груп неодамна донесе одлука за инвестиција во Република Македонија, во североисточниот дел на нашата земја во капацитети  во рамки на кој ќе бидат отворени над 5.000 работни места. На средбата стана збор за идните чекори за реализација на проектот со инвестицијата.

Премиерот Груевски истакна дека Владата на Република Македонија веќе ги отпочна процедурите за реализација на градба на технолошко-индустриската развојна зона во која ќе биде сместена инвестицијата на компанијата Веибо Груп.

„Веибо вработува околу 14.400 вработени. Има фабрики во НР Кина, Турција и Камбоџа. Тие имаат голем успех, имаат околу 2.900 продавници и ова е нешто што навистина функционира на вистинскиот начин и најважното што тоа е со успех.  Задоволен сум што оваа компанија одлучи нивната следна инвестиција да биде во Република Македонија,“ изјави премиерот Груевски на прес-конференцијата по посетата на компанијата Веибо Груп.

Директорот пак на Веибо Груп, Селчук Алперен изрази задоволство од условите за бизнис кои што постојат во Република Македонија и од поддршката која што Владата на Република Македонија ја овозможува за странските инвеститори.

„Одлучивме да реализираме инвестиција во Република Македонија во вредност од 400 милиони долари, на површина од 400.000 метри квадратни која ќе обезбеди вработување на над 5.000 работници во интегрирана текстилна индустриска зона. Успехот на нашата компанија е базиран на поврзување на снабдувачкиот канал со маркетингот, од суровина до производство и од дизајн до продажба и маркетинг“, изјави Селчук Алперен на прес- конференцијата.

Соговорниците разменија мислење и за можностите за проширување на соработката и дискутираа за идните потенцијални развојни планови за соработка помеѓу двете страни.