Брзи скенери за електронска размена и архива на документи во институциите

Министерството за информатичко општество и администрација ја претстави надградбата на проектот – Систем за електронско управување со документи, со набавка на нови брзи скенери за потребите на 14 институции. Станува збор за вкупно 23 скенери од типот Canon, со брзина на скенирање од 60 листа во минута.

Министерот Ивановски истакна дека од 1 јануари 2014 година, во системот се креирани вкупно 17.315 документи, а низ архивскиот модул поминале 139.080 документи.

„Целта на овој проект е водење на електронска архива во институциите, како и електронска размена на документите, преку предефинирани процеси кои го определуваат текот на документот, вклучително и лицата одговорни за изработка и одобрување на документите.“- истакна Ивановски. .

Скенерите се набавени од фирмата Импегна, која е авторизиран дистрибутер за Б2Ц производите и авторизиран партнер за напредни канцелариски решенија, за документ скенирање и др.

Цената на набавка изнесува 1 милион 520 илјади денари, и таа е постигната по одржана електронска негативна аукција.

Системот за електронско управување со документи (ДМС) со своето функционирање обезбедува : брз проток на документи и информации низ деловниот систем, документација врз чија основа се спроведуваат деловните процеси, унапредување на поединечното и севкупно функционирање на институциите преку стандардизација на работните процеси, повеќе да нема заборавени предмети, бидејќи движењето на документите ќе се мониторира електронски, а во секој момент одговорното лице да може од својот компјутер да следи како се решаваат предметите, кој работи на предметот и дали се почитуваат зададените рокови за изработка на тој предмет.

„Продолжуваме со акциониот план за спроведување на овој систем во уште 10 институции. Завршени се 50 процеси, а уште 35 се во финална фаза.“- додаде Ивановски.