По повод 113 години од формирањето на првата востаничка чета во охридско, вечерва во атарот на манастирот „Света Петка“ – Велгошти се одржа пригодна свеченост, во организација на МК на ВМРО -ДПМНЕ од Велгошти.
Советникот Илија Арнаудоски во воведниот збор го потенцира значењето на четата како за Велгошти така и за самиот охридски регион.
Делегација на општина Охрид предводена од претседателката на Советот, Гордана Коњаноска и секретарот Димитар Спасески, како и делегација на Месниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Велгошти положија свежо цвеќе на спомен плочата.
„На наше огромно задоволство сме гости во Велгошти на Месната заедница, во прекрасната атмосфера на храмот Света Петка, каде што одбележуваме годишнина од формирање на првата востаничка чета во охридскиот регион. Овој настан е особено значаен за Велгошти., за Охрид, генерално значаен за македонската историја и од тие причини ме радува фактот што жителите на Велгошти преку својата Месна заедница секоја година наоѓаат начин и можности да го организираат ова чествување на овој величествен ден за Охридското востание, Од тие причини ние како Локална самоуправа секогаш сме тука да го помогнеме настанот и со своето присуство да ја збогатиме самата манифестација,“– изјави за WebOhrid, секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Професорот по македонски јазик и литература, Ванѓелко Лозаноски одржа предавање за значењето и улогата во понатаможните текови на револуционерната борба.
„Незаборавните историски светлини,со манастирот Света Петка и со подвизите на Илинденското востание и Христо Узунов е поврзано ова село и ова поднебје. Со овој ден кога ја формирале првата востаничка чета пред Илинденското востание, поточно осум години после создавањето на Внатрешната Македонска револуционерна организација која била главна цел ослободување за Макеоднија и основање на самостојна македонска држава.“– рече Лозаноски.
Најголем успех на Охридската револуциoнерна организација е формирањето на револуционерната чета. Свечениот чин се одиграл во манастирот Света Петка , во Велгошти на 6 јули 1901 година . Тој факт сам по себе многу зборува . Формирањето на четата во Света Петка не е само поради блискоста до Охрид, туку и поради приврзаноста на Велгоштани кон делото на Организацијата.
Во чест на 80-годишнината од формирањето на првата Охридска револуционелна чета, во манастирот Света Петка 22. XII 1981 година Месната заедница од с. Велгошти откри спомен-плоча.
А. Андриоски/WebOhrid