Ќе се прска против комарци

На 11 и 14 јули ќе се изврши втората  авиодезинсекција прскање против возрасни комарци со широкопојасен инсектицид.

Прскањето против комарци ќе се спроведе на 4 локации утврдени како приоритетни од страна на Министерството за транспорт и врски во соработка со Министерството за здравство. Дезинсекцијата ќе биде извршена на вкупна површина од 4.400 хектари по воздушен пат.

Имено, на 11.07.2014 ќе се спроведе прскање во општина Дојран на вкупна површина од 1000 хектари и во општина Чешиново-Облешево на површина од 900 хектари,  а на 14.07.2014 година ќе се изврши прскање во општина  Охрид на површина од 1500 хектари, како и во општина Ресен на површина од 1000 хектари.

Препаратот за прскање (Аква К-отрин) кој ќе се употреби при престојното прскање, е со брзо почетно дејство, висока ефикасност, минимална доза и со висок коефициент на безбедност, согласно препораките на Светската здравствена организација за заштита на населението и неговата животна средина.

Исто така, прскање против комарци (аеросолна адултицидна дезинсекција), се изврши и во месец јуни, во пресрет на летниот период и туристичката сезона, се со цел да се намали присуството на комарци.