Делегација на Европската Унија на Република Македонија во посета на Царинската управа

Денес,  во посета на Царинска управа беше Делегација на Европската унија во Република Македонија, предводена од шефот на операции Мартин Клауке. Целта на посетата беше согледување на напредокот во реализацијата на проектoт Интегрирана тарифна околина (ИТО) од програмата ИПА 2009.

Интегрираната тарифна околина е збир на компјутерски системи што служат за размена на тарифни информации помеѓу Европската Комисија и земјите членки на Европска унија. Воведувањето на ИТО е во согласност со целта на Царинската управа за зајакнување на оперативниот капацитет и обезбедување на целосна компатибилност и интероперабилност на царинскиот ИТ системи со системите на Европска унија. Присутните од Делегацијата на Европската унија, заклучија дека проектот се одвива според предлог планот за имплементација, за што Царинската управа доби позитивни оценки.

Реализацијата на овој проект ќе овозможи поголема ефикасност во севкупното царинско работење, поголема стручност и поквалитетна услуга од страна на царинските службеници, но и конкретни заштеди и за економските оператори и за Царинската управа, бидејќи интегрираните тарифни информации ќе се администрираат, одржуваат и објавуваат од страна на соодветните тела на Европската комисија во Брисел.