Македонската опера и балет приреди незаборавно доживување за публиката на „Охридско лето“

Првенците и солистите на Македонската опера и балет синоќа настапија на фестивалот „Охридско лето“ изведувајќи ја на покриената сцена „Долни Сарај“ претставата „14 часа“.

Музиката за оваа претстава ја напиша Кирил Џајковски, а кореографијата и сценското решение ги направи Игор Киров. Режијата и либретото се Наташа Поплавска, а костимографијата е дело на Александар Ношпал.

Кореографот Игор Киров изјави дека со оваа балетска претстава всушност се враќа на македонската сцена по 2005 година кога првпат направи претстава  за Македонската опера и балет.

„По 20 години низ цел свет, еве ме, пак дома со претстава за нашата публика која ја имаше премиерата на 22. декември во Македонската опера и балет, а ја презентирав и во Рим, во рамките на деновите на македонската култура што се организираа по повод Денот на Свети Кирил и Методиј“, рече Киров.

Претставата „14 часа“ досега се играше десет пати на репертоарот на МОБ, а предвидено е, балетскиот ансамбл со неа да настапи и во Њујорк, Париз, Лондон, Мадрид и Стокхолм.

IMG_2484

Кореографот задоволен од работењето со овој состав со кој работеле полни шест седмици, но и од публиката, која, како што нагласи, одлично ја прифатила претставата.

„Бидејќи се работи претежно за класични играчи, бев изненаден како го прифатија тоа што јас им го пренесов. Исто така бев задоволен и како реагираше македонската публика на сето тоа . Ова за нашата публика е нешто различно, но на западните сцени е нешто веќе видено и не е ново. Едноставно, јас сакав да се поттикне модерниот балет, да се развие не само во Македонија, туку и пошироко, тргнувајќи оттука, па завршувајќи во Словенија каде што јас сега творам на тоа подрачје“, додаде Киров.

Игор Киров е македонски кореограф кој се усовршува на една од најпознатите академии за модерен балет во Ротердам. Холандија. Во својата долгогодишна како танчер, има играно во повеќе познати европски компании и театри. Во меѓувреме ја започнува и својата кариера како кореограф. Добитник е на повеќе награди за кореографија во повеќе земји, а неговите кореографии се изведувани во некои од најреномираните фестивали во светот.

Кирил Џајковски е македонски композитор и продуцент, и е еден од најпочитуваните уметници од областа на електронската музика од Балканот. Џајковски ја интегрира електронската во традиционалната македонска музика со голем број добиени награди за неговата  фузија на класична, електронска и етно-музика.