Студиска посета на полициски едукативни центри во Република Словенија

Програмската канцеларија на Советот на Европа во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“, организираше студиска посета на вработени лица од Министерството за внатрешни работи.

Претставниците на Министерството се задолжени за изготвување на наставни програми за основна и континуирана обука од областа на етичко однесување и почитување на човековите права при полициско постапување, како и употреба на средства за присилба и превенција на несоодветно постапување со задржани лица.

При студискиот престој посетени се Полицискиот центар за обука – Готеница, Полициската академија – Тацен, Министерството за внатрешни работи и полициската станица – Мосте, каде од страна на вработените на двете Министерства разменети се искуства од областа на организациската структура како и начинот на спроведување на основната и континуираната обука.

Од страна на претставниците од МВР на Словенија се презентирани нивните искуства во поглед на превземините реформи за приближување кон ЕУ стандардите. Студиската посета беше помогната од страна на консултантот на Советот на Европа г-дин Александер Кребл.