Претседателот Иванов присуствуваше на Ифтарска вечера во организација на Стопанска комора на северозападна Македонија

Претседателот на Република Македонија,  Ѓорге Иванов, синоќа во Тетово присуствуваше на Ифтарска вечера во организација на Стопанска комора на северозападна Македонија.

На Ифтарската вечера, која се одржува по повод светиот месец Рамазан, присуствуваа претставници на јавниот и политичкиот живот, бизнисмени, дипломати, како и претставници на граѓански асоцијации и здруженија.

На присутните и на сите припадници на исламската веросиповед во Република Македонија, претседателот Иванов им ги честита рамазанските пости и светиот месец Рамазан, кој според верувањата е месец на проштевање, истрајност и посветеност кон верата, и им посака фамилијарна топлина, мир и љубов.

Македонскиот претседател порача дека верувањето нè учи на почитување на верските и духовните вредности и на единство меѓу луѓето во духот на меѓуверската толеранција, дополнувајќи дека рамазанските пости ја означуваат вековната традиција на исламот во Република Македонија.