Ерменско-Казахстанското дуо ја воодушеви публиката во „Света Софија“

Во исклучително акустичниот простор на црквата „Света Софија“ незаборавен концерт вечерва понудија познатиот ерменски виолончелист Нарек Хахназарјан и казахстанската пијанистка Оксана Шевченко.

Воодушевени од акустиката на просторот, тие уживаа во нивното музицирање, истовремено воодушевувајќи ја и публиката на „Охридско лето“.

Пијано-виолончело дуото изведе познати композиции на Чајковски, Шуман, Бетовен, Шостакович, Ростропович и Рахмањинов.

Ерменскиот виолончелист Нарек Хахназарјан е претставник на помладата генерација музичари кој на интернационалната сцена се пробива на 22-годишна возраст. Критичарите го опишуваат како музичар со „извонредна комбинација на техника и музикалност“. Со неговиот настап во Охрид, уште еднаш покажа дека сосема заслужено го зазема своето место на меѓународната музичка сцена.

Како што истакна Шевченко, не може да се опише со зборови чувството да се свири во една ваква катедрална црква која има извонредна акустика. Пијанистката истакна дека првпат музицира во толку стара црква како „Света Софија“.