МОН: Владата инвестираше околу 200 милиони денари за подобрување на студентскиот стандард

Во изминатите неколку години Владата инвестираше приближно 200 милиони денари во насока на подобрување на стандардите за сместување во студентските домови.

Изградени се целосно нови, современи сместувачки капацитети во рамки на студентскиот дом “Стив Наумов“ коишто за следната академска година им се ставени на располагање на студентите.

Веднаш по завршувањето на изборниот процес, започна постапката за  реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“, којашто ќе се реализира етапно, започнувајќи во следните неколку денови со блок Б, кога фреквенцијата на студенти е најмала, за што веќе е избрана компанија изведувач која што ќе изврши замена на подовите, санација на ѕидовите, санитарните јазли, електричната инсталација и останатата опрема. Со оглед на габаритноста на овој дом, целосната реконструкција ќе биде заокружена во 2016 година.

Исто така, изработено е и проектно решение за изградба на целосно нов објект на место на постојниот студентски дом „Невена Ѓорѓиева Дуња“, којшто ќе се реализира по реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Студентите се еден од приоритетите на оваа Влада и затоа ќе продолжиме и во следниот период да инвестираме во делот на студентските домови и подобрување на условите за престој, но и во обезбедувањето на сите останати неопходни услови за квалитетно високо образование, како што е отворањето на нови факултети и студиски програми, нови лаборатории во рамки на јавните научни и високо образовни установи, превод на литература од којашто се учи на најпознатите, врвните светски универзитети, проширување на можностите за стипендирање…