За првпат „Илинденска вечер во Елшани“

Годинава, на 2 август, по повод верско-националниот празник Илинден, во Елшани за првпат се организира културно-забавната манифестација „Илинденска вечер во Елшани“. Како што велат од организациониот одбор при МЗ на с. Елшани, според зацртаната програма планирано е со свое учество настанот да го одбележат млади музички таленти, роднокрајни фотографи, културно-уметнички друштва, фолк пејачи, како и реномиран патувачки театар од Скопје.

„Намерата на организациониот одбор е преку оваа манифестација да го промовира и етаблира Елшани на културната и туристичката мапа на Македонија. Искрено се надеваме и веруваме дека манифестацијата „Илинденска вечер во Елшани“ ќе стане дел од новото лице на Елшани, како и од новата културна програма и понуда на општина Охрид.

Насловот „Илинденска вечер во Елшани“ е од три причини, поради двата Илиндена 1903 и 1944, во кои активно и пожртвувано биле вклучени многу елшански семејства и третата, духовна причина е верскиот празник, патронот на селото, Свети пророк Илија чија слава ја чествува секое елшанско домаќинство.“ – истакна Павел Донески коорганизатор на „Илинденска вечер“ во Елшани.

WebOhrid