Претседателот Иванов се сретна со амбасадорите на САД, ЕУ, ОБСЕ и претставникот на НАТО

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ги прими Н.Е. г. Пол Волерс, амбасадор на Соединетите Американски Држави, Н.Е. г. Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија, Н.Е. Мариан Берц, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ и претставникот на Канцеларијата за врски на НАТО, потполковник Маријан Ивануша.

На средбата беа разменети мислења и информации околу состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, добрососедските односи и регионалните прашања, како и за актуелните внатрешно политички случувања во државата.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо го цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО и изрази благодарност до соговорниците за нивниот ангажман и придонес во унапредувањето на односите и интензивирањето на соработката.

Македонскиот претседател, потенцирајќи го почитувањето на меѓународните договори и спроведувањето на меѓународните обврски, порача дека е потребно надминување на статус кво состојбата на евроатланските интеграциите на Република Македонија, час поскоро, со што би се придонело кон надминување на предизвиците во државата и регионот.

На средбата се разменија мислења во однос на последните настани поврзани со протестите поради случајот „Монструм”, при што соговорниците се согласија дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не може да се толерира. Заклучија дека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист. Исто така беше констатирано дека настаните што се случија се и можност за отворен дијалог и зацврстување на односите меѓу граѓаните од различна етничка и религиозна припадност.

Соговорниците ги поздравија преземените напори на претседателот Иванов во насока за надминување на предизвиците произлезени од актуелните внатрешно политички случувања во Република Македонија.