Министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски, во насока на интензивирање на регионалната соработка, имаше телефонски разговори со министрите за одбрана на Србија, Црна Гора и Албанија, Братислав Гашиќ, Милица Пејановиќ – Ѓуришиќ и Мими Кодели.
Во разговорот со српскиот министер Гашиќ, соопшти денеска МО, било договорено унапредување на соработката помеѓу двете министерства и двете држави во оваа област, како и интензивирање на меѓусебните контакти и посети на највисоко ниво. Во тој контекст, министрите првата средба ја договориле за почетокот на есента оваа година.
Соработката во рамки на регионалните иницијативи, особено групата А-5, како и размената на идеи и иницијативи кои ќе доведат до потпишување на еден сеопфатен документ на идниот состанок на САД – Јадранската повелба во октомври, биле темите на кои министерот Јолевски разговарал со црногорската министерка Пејановиќ – Ѓуришиќ. Документот, заклучиле министрите, ќе доведе до унапредување на регионалната соработка во функција на евроатлантските интеграции на двете земји.
Министерката Пејановиќ – Ѓуришиќ го информирала Јолевски дека на претстојната свечена промоција на питомци од Воената академија во офицери ќе присуствува и делегација од Министерството за одбрана на Црна Гора.
Министерот Јолевски со неговата албанска колешка Кодели разговарал за начините за унапредување на меѓусебната соработка, во однос на заедничките вежбовни активности на двете армии. Договориле средба на претстојниот НАТО самит во Кардиф во септември. Воедно, министерот Јолевски ја поканил министерката Кодели да ја посети Република Македонија.
Како пример за посветеноста на земјите од регионот за унапредување на билатералната и регионалната соработка, министрите за одбрана на Србија, Турција, Босна и Херцеговина и Словачка упатија честитки до министерот Јолевски за стапување на оваа функција. Во честитките, ја споменуваат одличната соработка која ја имаат со Република Македонија и изразуваат надеж дека ќе продолжи да се развива и продлабочува и во иднина.