Поезијата на Пере Ристески објавена во американското списание „Мед Свирл“

Избор поезија на Пере Ристески е објавена во новиот број на угледното американско списание Мед Свирл, со седиште во Далас. Преводот е на Соња Гаврилоска Љулкова.

Мед Свирл е списание што објавува поезија, кратка проза и кратка фикција, а главен уредник е Џони Олсон. Покрај поезија од македонскиот поет, се објавени песни и од поети од целиот свет, меѓу кои се: Квинтет Колиер, Лук Рита, Родерик Ричардсон, Опалина Салас, Брдафорд Мидлтон и многу други.

Ова списание се опишува како вител за собирање на уметници од целиот свет, односно, неговиот стремеж е да стане спојка на сите артисти, сликари, фотографери, писатели и поети од целиот свет.

Поезијата на Ристески е преведувана и објавувана на повеќе светски јазици, и објавена во списанија и антологии во повеќе држави ширум светот.