Славе Ѓорѓо Димоски – Поезијата е она исконското што го чува јазикот на еден мал народ

Македонскиот поет преведуван на повеќе од 30 светски јазици Славе Ѓорѓо Димоски, синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ја промовира неговата збирка поезија „Ткаења“.

Со оваа книга, исклучително вредниот поет, борец за зачувувањето на македонскиот јазик, одбележа пет децении од неговиот живот и 35 години од творештвото.

Скромен, без многу самофалење низ годините наназад додека беше преведуван и наградуван, не само во Македонија, туку и во светот, Ѓорѓо Димоски синоќа на промоцијата од неговата книга, но и на промоцијата на документарниот филм што за него го сними младиот но талентиран режисер, охриѓанецот Антонио Вељаноски, рече дека сепак, дури на овие промоции сфатил колку убаво звучат неговите стихови.

slave_gjorgjo-sinokja

„Во книгата „Ткаења“ е собран целиот мој поетски труд или целото мое поетско искуство. Внатре се содржани десет книги што се различни и по вокација, и по стил, и по тема. Ако ставев некој друг наслов, некои од нив ќе беа форсирани книги, а некои ќе беа вон тој наслов. Затоа го одбрав насловот „Ткаења“ зашто тоа е едно редење на зборови, на стихови, на текстови кои што се рамноправни во таа збирка“, рече поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Во книгата „Ткаења“, сите стихозбирки се подредени почнувајќи од последната, па се до првата негова книга со стихови „Гравири“ издадена во 1979 година.

„Тоа е направено со една цел, за да видам дали има некои прескоци, и мотивски, и стилски, но и ритмички, и за да видам каде сум ги правел тие прескоци, во кои периоди и во кои книги. Мојот личен заклучок е дека низ сите тие книги се провлекува една нишка, една линија за којашто не сум бил свесен, но сите се врзуваат за една тема. А темата наеднаш испадна и пред самиот себеси се вчудоневидов, дека Галичица е пријател на моето детство. Но на некој начин тоа се подига на некое универзално ниво, а не локално“, објасни поетот.

Според Димоски, прашањето дали има иднина за македонската поезија, за поезијата која се создава на јазикот на еден мал народ, е универзално, не само за македонскиот јазик, туку и за јазикот на сите мали народи во светот.

„Ова е време на една глобализација ккајшто преовладува техниката и каде што се наметнува еден сеопшт јазик, така што малите јазици како што е македонскиот јазик наеднаш се наоѓа инфициран од таа јазичка лексика. Мислам дека поезијата е она најсуштинското што го чува уште исконот на јазикот бидејќи секогаш искрениот поетмора да внимава на јазикот, мора да го чува својот јазички ритам, и лексички, и во секој поглед мора да е цврсто врзан за тоа исконско јазичко млеко,“ смета Димоски.

Славе Ѓорѓо Димоски е роден во 1959 во Велестово. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Живее во Охрид. Работи како професор по македонски јазик и литература. Пишува поезија за деца и возрасни. Застапуван е во многу антологии и преведуван на неколку десетици јазици.