Ѓорѓиев: Две нови технолошко-индустриски развојни зони во Виница и во Берово

Политиките на привлекување на странски инвестиции се клучна стратешка определба на Владата на Република Македонија, за чија што реализација се спроведуваат поголем број на мерки и активности со кои се создаваат нови или пак се унапредуваат постоечките услови кои имаат битно влијание во одлучувањето на странските компании да инвестираат во нашата земја.

Владата на Република Македонија донесе две одлуки за формирање на две нови технолошко-индустриски развојни зони во источниот дел на Република Македонија, од кои што едната ќе биде лоцирана во близина на Виница, а другата во близина на Берово.

Согласно одлуката на Владата, технолошко – индустриската развојна зона во Виница ќе биде лоцирана во близина на градот Виница, на 4, 5 километри од градот, во место викано Поповец, и таа ќе се протега на површина од 21,04 хектари.

Технолошко-индустриската развојна зона Берово ќе биде лоцирана на јужната страна на градот Берово на регионалниот пат Берово – Дабиле, во место викано Шушлевец, и ќе се протега на површина од 17, 38 хектари.

„Нашата цел е да се пристапи кон една динамична и интензивна работа чија што цел е во што побрз период да бидат комплетирани овие зони. Согласно акцискиот план, за двете зони, и во Виница и во Берово, се предвидува веќе во месец август да биде распишана постапка за избор на компанија која ќе ги гради зоните, а почетокот со градежни работи е предвиден веќе за месец септември 2014 година.“– истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

По почетокот на градбата на зоните се очекува веќе до крајот на годината да биде завршена првата фаза од градба на зоните, односно тие да бидат доведени во состојба да може веднаш по потенцијалното носење на одлука од некоја странска компанија за отворање на капацитет во овие зони да може да се пристапи кон изградба на микролокацијата за изградба и сместување на капацитети каде што би се одвивал бизнисот.

„За овие фази од основањето и градбата на зоните Владата има предвидено 1 милион евра. Градбата на овие зони е добра можност за македонските компании кои имаат интенција да учествуваат во градба да ги проучат условите и можностите и да конкурираат за избор, и на тој начин потенцијално да придонесат за својот бизнис.

Со основањето на овие две зони во Виница и Берово се остварува диверзификација на можностите за привлекување на странски инвеститори, се создаваат услови за локален економски развој на овие општини и економски развој во овој регион од државата, како и за отворање на нови работни места.“– рече Ѓорѓиев.

Тој информираше дека во текот на месец август 2014 година ќе се отпочне со градба на ТИРЗ Радовиш која ќе се протега на површина од 10 хектари, и на ТИРЗ Струга која ќе се протега на 30 хектари.

Во текот на минатата недела е распишана и постапка за избор на компанија која ќе ја гради и ТИРЗ Ранковце која ќе се протега на 40 хектари површина.

„Со одлуките за основање на ТИРЗ Виница и ТИРЗ Берово, и со почетокот на нивната изградба во септември, како и со почетокот на градба на ТИРЗ Радовиш и на ТИРЗ Струга во август, како и со постапката за избор на компанија која ќе ја гради ТИРЗ Ранковце веќе се заокружуваат процесните или пак оперативните претпоставки за изградба на 14 од вкупно предвидените 15 технолошко-индустриски развојни зони кои се дел од владината програма. За петнаесеттата зона која треба да биде лоцирана во Делчево се очекува да биде донесена одлука за основање во третиот квартал од годината и да се отпочне со градба до крајот на 2014 година.“– додаде Ѓорѓиев.

Владата и во иднина ќе продолжи со мерки и активности за привлекување на странски инвестиции и со унапредување на условите за развој на економијата.