Нов проект за зголемување на бројот на згрижувачките семејства „На секое дете му е потребно семејство“

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денес го најави отпочнувањето на проектот „На секое дете му е потребно семејство” во присуство на згрижувачките семејства кои денеска го посетија Аква паркот во Скопје.

„Згрижувачките семејства се најхуманата, најсоодветната форма која е најблиска до биолошките семејства кои што нудат вистинска грижа и заштита на децата без родители и без родителска грижа и на децата со пречки во развојот. Во Република Македонија во моментов има 180 згрижувачки семејства кои што згрижуваат точно 288 деца без родителска грижа од кои 80 се деца со пречки во развојот, а сите останати се деца без родители и родителска грижа”, истакна Спасов.

Тој посочи дека целта на овој проект е преку најразлични активности на Центрите за социјална работа преку директна и непосредни контакти со граѓаните да се подигне свеста, но исто така и да се информираат за значењето и можностите кои што ги даваат на згриживачките семејства. Сите заинтересирани граѓани кои сакаат да се информираат за згрижувачките семсјтва ќе можат да го направат тоа на мејлот zgrizuvanje@mtsp.gov.mk или на бесплатниот број 15505.

Министерот Спасов истакна дека во моментов има потреба од такви згрижувачки семејстава и образложи дека овие семејства оставруваат паричен надоместок од страна на државата, месечно од 6.500 и 8000 денари за трошоци за покривање на згрижувањето. Но и доколку не исполнуваат услов за старосна пензија, а биле згрижувачко семејство повеќе од 5 години имаат право, после навршување на 62 години да се стекнат со постојан паричен надоместок од 8000 денари до крајот на својот живот.

Со разни активности организирани од волонтерите на Црвениот крст дечињата уживаа во водените лудории, а за задоволството да биде уште поголемо со нив заедно беше и популарниот Даниел Кајмакоски.