Традицијата и минатото неисцрпна инспирација за Рисимкин

Изложба на ликовни дела под наслов „Патинирани цитати“ од ликовниот уметник Мирче Матевски-Рисимкин беше отворена саботата во Куќата на Робевци во Охрид.

Изложени се 16 уметнички слики од авторот Рисимкин, кои се изработени во техниката „масло на платно“. Матевски истакна дека ја работи исклучиво оваа техника, зашто како што рече, дава можности за изразување, какви што не даваат останатите ликовни техники.

„Ова се дела кои се настанати во последните 3-4 години после моето враќање од Австралија. Тематски се базирани на нашата традиција и фолколор, на писменоста, азбуката која е создадена на овие простори-словенската азбука. Тоа е нешто што мене многу одамна ме интересираше како тематика кое е блиску до луѓето и можеби сега најмногу одговара на моменталана ситуација која се однесува на проблемот со нашето име и идентитет“, рече Матевски.

Ликовната поставка ја отвори проф. д-р Иван Џепаровски од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, според кого, поставените дела во галеријата на Робевци се само дел од она што го создавал Мирче Матевски-Рисимкин по неговото враќање од Австралија во родната Македонија.

„Самиот наслов ни говори дека станува збор за еден пристап кон уметноста којшто реферира кон традицијата и минатото, а веројатно не постои подобар простор од овој каде што е поставена оваа камерна изложба, во Куќата на Робевци каде што токму традицијата доаѓа до израз“, истакна професорот Џепаровски.

Во делата на Рисимкин, смета Џепаровски, воочлив е геометризмот којшто во себе ја содржи патината на релациите кон минатото и традицијата, меѓутоа и поврзувањето на различните култури, на македонската и на културата на Австралија.

„Исто така многу јасен е неговиот однос кон писмото, писменоста, традицијата, во форма на користење на глаголицата како сликовен пристап за понирање во длабочните на историјата, а сето тоа инкомпонирано во еден формалистички пристап којшто прави да се поврзат сликите со буквите и зборовите“, додаде Џепаровски.

Мирчо Матевски – Рисимкин е роден во Скопје, 1961. Го завршил средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Димитар Кондовски, а во 2012 магистрирал на ФЛУ во класата на професорот Јован Шумковски. Член е на Друштво на ликовни уметници на Македонија од 1984 година. Вработен е во Меѓународни училишта-НОВА во Скопје. Помеѓу 1998 и 2009 живее и работи во Австралија.