Во еден ваков антички центар каков што е Охрид, многу е важно повторно да се актуелизираат делата на маестро Верди, ова вечерва го истакна заменик-амбасадорот на Италија во Македонија Филипо Кандела отворајќи ја Антолошката изложба на најпознатите партитури на славниот италијански композитор Џузепе Верди во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
„Како што можете да забележите, се работи за претставување на најзначајните дела на маестро Верди , за оригинални партитури кои беа изработени благодарејќи на помошта од страна на повеќе врвни уметници. Како амбасада на Италија, ние навистина сме посебно среќни што успеавме оваа изложба да ја донесеме овде во Охрид, и тоа поради две причини, логистичка и временска. Логистичката причина се должи на фактот што Охрид претставува еден културен центар којшто може да се пофали со културна традиција долга повеќе илјади години. Втората причина поради која сме навистина среќни, е почетокот на шестмесечното претседателство на Италија со ЕУ кое започна на први јули и во чии рамки, пред десеттина дена во посета на Скопје допатува министерката за надворешни работи Могерини. Тоа беше уште една можност повторно да се подвлече блискоста помеѓу Италија и Македонија, и да се даде поддршка на аспирациите на Македонија за приближување и влез во Европската унија, “ рече неговата екселенција, Кандела.
Изложбата, како што нагласи заменик-амбасадорот, беше реализирана со цел одбележување на 200-годишнината од раѓањето на маестро Верди што се случуваше во текот на минатата година, но поради големито успех, изложбата продолжи да се поставува и натаму на овие простори и прошета по сите главни градови на Балканот, вклучувајќи го и Скопје во мај, во рамките на Мајските оперски вечери.
Кандела се заблагодари и на директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска, за успешната соработка на полето на културата која, како што рече, датира од порано.
„Уште еден посебен момент што изложбата на партитурите од Верди е поместена и во Охрид, се должи на консолидирањето на билатералните односи помеѓу Македонија и Италија. Токму минатиот мај, претседателот Иванов беше во посета на Италија и на претседателот Наполитано. Тоа беше можност за потпишување на повеќе протоколи за културна соработка.Токму поради тоа, Охрид беше избран за град каде ќе биде поставена изложбата. Се заблагодарувам од мое лично име и од името на Амбасадата на Италија во Скопје, на директорката на „Охридско лето“ Јанкуловска, со која веќе имаме соработувано и порано и која го овозможи овој настан односно оваа антолошка изложба на партитурите од Верди,“ додаде заменик-амбасадор на Италија во Македонија, Филипо Кандела.
Од дирекцијата на „Охридско лето“ потенцираа дека фестивалот ја дава поддршката на оваа Антолошка изложба на партитури на Џузепе Верди со цел, да се реализираат уметничките остварувања кои во континуитет се на едно многу високо ниво на програмски содржини на екслузивни уметници од целиот свет.
Оваа колекција панели со најпознатите вердиеви партитури од перидот 1848 до 1900 година е изработена благодарение на Националната академија за класична уметност од Модена, со поддршка на реонот Емилиа Ромања од каде што потекнува овој славен италијански композитор. „Охридско лето“ и Италијанската амбасада прекуизлагањето на оваа колекција даваат свој голем придонес во културно-уметничкиот развој.
Во оваа поставка што е поместена на Малиот плоштад во центарот на Охрид каде одекнуваа и вердиевите арии, вечерва уживаат голем број охриѓани но и туристи, а деновиве, изложбата со партитури од славниот италијански композитор Џузепе Верди ќе биде поместена во галеријата на фестивалот „Охридско лето“.