Организацијата на фестивалот „Охридско лето“ најавува уште еден посебен музички настан. Имено, вечерва ќе настапи групата „Ѓаволски трилери“ која доаѓа од Франција. Групата ја сочинуваат гудачки квинтет и светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ, а нивната цел е да го приближат репертоарот за соло виолина до пошироката публика. Групата редовно настапува на најпрестижните светски фестивали, но исто така тие со задоволство свират и на други алтернативни сцени.
Ова е исклучителна можност да се чуе и еден од најпознатите светски виолинисти, кој со своите атрактивни настапи ја воодушевува публиката ширум светот. Српскиот виолинист Немања Радуловиќ се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена. Настапувал во најпрестижните сали во светот, свирел со најдобрите оркестри, добитник е на бројни награди и признанија, вклучително и титулата на почесен доктор на Универзитетот во Ниш, а оваа година по втор пат доаѓа во нашата земја, токму на фестивалот „Охридско лето“.
„Долги години наназад фестивалот Охридско Лето на 4 август организира посебен настан по повод роденденот на фестивалот. Овие програмски содржини се реализираат во Античкиот театар во Охрид со многубројна публика која долго ги памети овие концерти. Во последните неколку фестивалски изданија токму на овој датум беа реализирани концертите на Роби Лакатош, Перпетуум Џезиле, 8те тенори од Русија, Свингел Сингерс. Особено ни е драго што оваа година на 4 август ќе го поздравиме исклучителниот виолинист Немања Радуловиќ кој брилираше на затворањето на музичката програма на претходното фестивалско издание. Оваа година тој ќе настапи заедно со прочуената група „Ѓаволски трилери“. Ова ќе биде уште еден интересен и атрактивен концерт во програмата на Фестивалот, кој ќе ја привлече пошироката публика, и заедно на најубав начин ќе го прославиме 54от роденден на фестивалот Охридско Лето.“ – вели селекторот на Фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска.
Репертоарот на „Ѓаволски трилери“ претставува една разновидна музичка палета – од Бах и Моцарт преку романтичарите Чајковски, Бизе и други, се‘ до современата уметничка и филмска музика. Овој понеделник ќе слушнеме музика од уметничкиот, но и филмскиот репертоар (Жил Масне, Шарл Огист Берио, Фредерик Шопен, Антонио Вивалди, Жорж Бизе, Николо Паганини, Антонин Дворжак, Арам Хачатурјан, Џон Вилијамс, Емил Кустурица и Виторио Монти). На концертот зема учество и француската пијанистка Лор Фавр-Кан во чијашто биографија се бројните рецитали и настапи со оркестрите од европските и азиските земји, како и соработката со водечки солисти, особено со Немања Радуловиќ.
Концертот, кој ќе се одржи во Античкиот театар во Охрид, е со почеток во 21 часот.