„Илинденската вечер во Елшани“ која по првпат се организираше за време на големиот македонски празник, ќе остане запаметена по многубројните спортски и културни настани, како и по сенародната масовна фолк забава која траеше до доцна по полноќ.
Организаторите успешно го реализираа замисленото: со турнирот во мал фудбал на кој учество зедоа елшански, охридски и скопски екипи и за чие финале се обезбедија голем број награди. Со изложбатат на фотографии во импровизираната галерија кај Клајнецот каде авторот Танче Ламбески низ еден фото времеплов ги потсети посетителите роднокрајни елшански обичаи и традиции, како и на елшанските и околните крајезерски и планински убавини на Елшани, чардакот над Охридското Езеро.
Одличниот настап на младиот фолк квартет „Елшански мерак“ беше повод да се рашири големо оро среде селскиот плоштад на кој стотици елшанци и многу други гости – елшански пријатели – му дадоа раскошна и ретка убавина.
Уште поголема радост и задоволство приреди КУД „Филиграни“ од Охрид во кое повеќето членови се млади елшански играорци. На нивниот сплет од народни македонски песни и ора публиката долго аплаудираше враќајќи ги граорците повторно на сцена!
Вечерта продолжи со пригодна беседа во која пред преполнетиот плоштад се обрати Павел Донески, организатор на манифестацијата, како и претседателот на МЗ Елшани, Игор Шоповски кои ги пренесоа пораките до сите присутни за негување на македонските и христијански обичаи, како и за намерата да се изгради ново попривлечно и попросперитено Елшани кое ќе биде неизбежен дел од културната и туристичка понуда на општина Охрид и на Република Македонија .
„Илинденската вечер во Елшани“ jа воздигна и скопскиот реномиран театар „Скрб и утеха“, чиј актер и режисер Тихомир Стојаноски настапи со повеќе сценски изведби преку македонските историски ликови Филип Втори, Самоил, Свети Наум, Ристо Шишков. Неговиот возбудлив уметнички настап кулминираше со пораките и посланијата на светиот апостол Павле и други библиски пораки со кои го привлече вниманието на елшанската публика и предизвика силен аплауз на отворено!
Задоволството од овие несекојдневно културни настани елшанци го претворија и во сенародна забава која траеше до раните утрински часови, а на која свој нзаборавен настап имаше младиот но познат фолк пејач Спасе Матлиоски, придружуван од познатиот елшански музички состав Форевербенд.
(фото: Дим Дон)