Општинското раководство на СДСМ Охрид оствари средба со делегација од Социјалдемократската партија од Австрија

Четвртокот, на 07.08.2014 год. највисокото општинско партиско раководство на СДСМ Охрид оствари подолга работна средба со делегација од Социјалдемократската партија од Австрија. Трочлената австриска социјалдемократска делегација ја предводеше г-дин Давид Стокингер, потпретседател на СДП на Швехат дистриктот, една од најголемите општински партиски организации на СДП во Виена. Гостите од Австрија покажаа голем интерес за општествено-политичката состојба во Македонија, при што беа детално запознати со моменталните состојби во СДСМ во услови на вонпарламентарни активности. Австриските социјалдемократи изразија целосна поддршка на интенциите на СДСМ за демократизација на општеството, како и за барањата на опозицијата во Македонија во насока на нормализација на политичките состојби, надминување на политичката криза и создавање несомнени и одржливи услови за спроведување на фер и демократски избори. Притоа, претставниците од СДП од Австрија изразија надеж дека одговорните политички фактори во Македонија ќе смогнат сили и ќе постигнат одржлив политички договор, за целосно да се имплементираат барањата, принципите и забелешките од ОБСЕ/ОДИХР во сферата на изборната легислатива и практика.

Двете делегации ја искористија средбата да разменат искуства од сферата на партиското организирање, делување и ангажман на двете општински партиски организации.

Гостите од Австрија изразија големо задоволство од нивниот повеќедневен престој во Охрид и надеж за понатамошно развивање на меѓусебната соработка.

SDSMSredba1 SDSMSredba2 SDSMSredba3