Жолта – алертна фаза низ целата држава

Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска и утре територијата на целата држава ќе биде биде зафатена со повисоки температури кои ја дефинираат жолта, односно алертна фаза. Станува збор за температури од 34 до 40 степени, зависно од регионот. Деновите со повисоки температури се очекува да траат до крајот на неделата.

Населението од цела држава потребно е да ги почитува општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната. Посебно внимателни да бидат постарите, хронично болни лица, кои треба редовно да ја земаат од лекар препишаната терапија и без неопходна потреба да не излегуваат надвор од домовите.

Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, потребно е темелно миење на овошјето и зеленчукот пред нивната употреба, добра термичка подготовка на храната, задолжително чување на храна во фрижидер на + 8 степени, како и избегнување консумација на лесно расипливи производи (разни кремови, мајонерзи, сладолед и сл).

Пунктови за превенција од топлотни бранови континуирано функционират низ целата држава, секој ден во периодот од 18.30 до 21.30 часот. Во сите градови низ држава на плоштади или паркови се поставени превентивни здравствени пунктови за бесплатни прегледи каде на граѓаните им се мери крвен притисок, се делат флаери, и се добиваат здравствени совети за превенција од топлото време.