Потребни ни се лидери за предизвиците на новото време – отворена петтата Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Живееме во свет, кој е многу повеќе поврзан и зависен од кога било во историјата на човештвото и чуствува глобални предизвици. За животот во таков век потребни се и лидери, кои ќе знаат да излезат во пресрет на сите предизвици што ги носи новото време, рече Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на отворањето на петтата Школа за млади лидери, што од денеска до 28 август се одржува во Охрид.

Целта на Школата, како што подвлече претседателот Иванов, е да создаде луѓе кои ќе растат во височина, кои ќе достигнуваат највисоки критериуми и ќе бидат најдобри во својата област.

„Не ни требаат само луѓе во политиката, туку ни требаат луѓе кои знаат да водат и во бизнисот, образованието, спортот, културата и во секоја свера од секојдневниот живот. Ни требаат млади луѓе кои ќе имаат самодоверба, ќе знаат да носат одлуки. Да знаат кога, каде и со кој се носат одлуки. Малите земји се ограничени територијално, но не се ограничени да се воздигнуваат”, нагласи претседателот Иванов.

Главна тема на годинешната школа, како што посочи претседателот Иванов, е процесот на носење одлуки, односно како да се донесе вистинска одлука, затоа што ќе не препознаваат по одлуките што ќе ги носиме и по нив ќе не разликуваат од другите.

„Одлуки носиме секојдневно во нашиот живот, но убедливо, во тоа да се донесе вистинска одлука е она што ни го менува нашиот живот и животот на другите. Македонија да биде место на успешни луѓе, луѓе кои растат во височина со највисоки стандарди, критериуми и принципи”, рече претседателот Иванов, порачувајќи им на младите лидери да гледаат напред во иднината.

Поранешниот српски претседател и предавач на Школата, Борис Тадиќ, забележа дека ни се потребни лидери, кои ќе преземат одговорност и ќе ги водат своите општества и земји во правата насока. Европа, додаде тој, се соочува со вистински предизвици, а Балканот е дел од стариот континент, кој е најфрагментиран и традиционално многу тежок регион, што дури и денеска се соочуваме со многу предизвици.

lideriweb03

„Што е со европската перспектива за нашиот регион, што е со замореноста од проширувањето, што е со Европа и лидерството во Европа. Денес мора да си го поставиме прашањето, како можеме да си ги решиме нашите проблеми. Проблемите во Македонија, Србија, Албанија, односно во земјите кои уште не се членки на Европската унија. Без силно лидерство, посветеност, визија, енергија и без трпение не би можеле да решаваме таков вид проблеми и не би можеле да бидеме успешни во изнаоѓањето на решенијата за предизвиците со кои се соочуваме. Не можеме да го постигнеме тоа самостојно, бидејќи сме меѓусебно поврзани со други земји и други култури”, рече поранешниот српски претседател Тадиќ.

Сенаторот во Парламентот на Канада, Доналд Дејв Мередит му се заблагодари на претседателот Иванов за организацијата и можноста што им ја дава на младите за подобрување на менаџерските и лидерски компетенции.

„Тие ќе бидат лидерите на иднината. Претседателе би ви се заблагодарил за вашата визија и желба да оставите трајно наследство, да ги одгледувате и градите младите лидери за идните генерации”, рече Мередит, кој втор пат учествува на Школата за млади лидери.

Мери Џо Џејкоби, асистент на поранешниот американски претседател Роналд Реган, на младите лидери им укажа дека денеска е многу полесно од времето кога таа била млада, бидејќи, според неа, сега го имаме интернетот, масовните комуникации, мобилните телефони.

„Имате многу повеќе опции, многу повеќе начини да изнајдете потреби, да ги исполните тие потреби и да придонесете не само за македонското општество и македонскиот успех, туку и за успехот на светот”, изјави Џејкоби.

Поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, Патрик Џефсон, посочи дека неговиот живот бил исполнет со многу патувања низ светот и работел за многу видни личности. Изрази надеж дека некои од лекциите што ги научил изминатите години ќе има можност да им ги пренесе денес на младите лидери од утрешнината.

На годинашната Школа за млади лидери, што петта година се организира на иницијатива на претседателот Иванов има 40 учесници и 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Канада и Кина. Во изминатите четири години на Школата за млади лидери учествуваа над 150 млади луѓе.

lideriweb02