Груевски: ЕМО повторно ќе биде рестартирано

ЕМО повторно ќе биде рестартирано. Две германски компании се заинтересирани за делови од компанијата, а за што Владата веќе води разговори. Ова го најави премиерот Никола Груевски при денешната посета во Охридско.

„Делови ќе земат германските компании кои веќе ги објавија своите инвестиции во Охрид. Едната од нив ќе земе поголем дел од ЕМО и ќе останат само неколку објекти за кои се заинтересирани две други компании и со нив сме во разговори да ги убедиме да инвестираат. Така што комплетно цело ЕМО да биде повторно рестартирано што за автоделови, што за она што претходно го работеше во делот на трансформатори, далекуводи и слично“ – изјави премиерот Груевски.

Тој додаде дека ОДВ Електрик се во завршни подготовки за оваа компанија да ги почне првите чекори за инвестирање, односно за да почнат со производство и вработување. Според премиерот тие ја објавија инвестицијата и веќе нема дилема дали таа ќе се случи.

„Работиме и што е можеби најважно за вас на привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места во Охрид“ – истакна премиерот и додаде дека и со другата германска компанија се во завршни преговори.

Потенцира дека што се однесува до отворањето нови работни места Владата нема да застанеме тука.

„Ќе продолжиме, рече, да бараме и други инвеститори, не само овие две-три што ги споменав, кои не се малку по број на вработувања, кој изнесува веројатно над 2.000 во првите три години, но работиме и други да привлечеме. Во разговори сме и со други, секако тие се во почетна фаза и не би сакал да спомнувам, ниту да ветувам, меѓутоа работиме овој проблем за Охрид да биде максимално надминат колку што е тоа можно. Сакам да знаете дека сме силно фокусирани на тоа“– изјави премиерот Груевски при посетата на Охрид.

Извор: Република