СДСМ: Реагираме на недостоинственото обраќање на градоначалникот Бакрачески на последната седница на Советот на Општина Охрид

ОО на СДСМ Охрид, денес испрати соопштние до медиумите, во кое стои:

„СДСМ од Охрид реагира на недостоинственото обраќање на градоначалникот Бакрачески на последната седница на Советот на Општина Охрид, во врска со одлуката за преименување на охридскиот кеј. Изразуваме незадоволство и поради злоупотребата на советничката говорница.

Бакрачевски недостоинствено и несериозно им се обрати на Советниците од СДСМ, легитимно избрани од граѓаните на Охрид, неможејќи да го поднесе различниот став. Советничката група на СДСМ одби да го продолжи своето учество во било каква понатамошна беспредметна расправа. Несфатливо е како може еден градоначалник на Охрид да си дозволи од советничката говорница да дели фалсификувани историски лекции и да држи говор полн со омраза, омаловажување и нетрпеливост кон потврдени и признати универзални вредности и историски личности од нашето славно револуционерно минато.

Желбата на ВМРО-ДПМНЕ е да ја избришат целата македонска историја и да напишат нивна, партиска.

Омаловажувањето и негирањето на лицата кои имаат историско значење за Република Македонија, во најмала рака претставува израз на недемократска, тоталитарна и националистичка перцепција на нашата државотворна историја. Да се игнорираат светски познатите и признатите книги, енциклопедии и музеи е намерно, грубо и тенденциозно извртување на историските факти за дневно-политички цели.

Со неговиот срамен и недостоен настап од советничката говорница само уште еднаш се потврди фактот дека Бакрачески никогаш не бил и нема да биде градоначалник на сите граѓани на Општина Охрид, туку исклучиво за своите партиски и идеолошки истомисленици. Исто така, уште еднаш излезе на виделина добро познатата и провидна стратегија на градоначалникот – дека неспособноста и немоќта на сопствената администрација, да се справи со вистинските проблеми на граѓаните, ќе се обидува да ги прикрие со тотално несуштински и популистички мерки и активности, каква што е промена на името на кејот. Нека му служи на чест.“– се вели во соопштението на ОО на СДСМ Охрид.